Македонија
27. October 2016 - 15:26

Чествување на Васил Куноски

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје денеска во спомен собата на Миладиновци одржа Чествување на основоположникот на современата македонска поезија за деца Васил Куноски по повод 100 години од неговото раѓање.

Беседа за Куноски одржа професорката Кристина Николовска, а песни од неговите дела читаа ученици од шесто одделение од училиштето „Коле Неделковски“.

Куноски, според Николовска има значајно место во македонската историја на литература. Тој заедно со Ванчо Николески, Славко Јаневски и Бојаџиски се основоположниците на македонската литература за деца.

- Со тоа тој е еден од столбовите на не само овој вид литература, туку и на современата македонска поезија. Но и далеку повеќе од тоа. Тој е, не само бард на жанрот поезија за деца, туку е и генератор на новиот духовен подем на нашето литературно описменување преку нова авторска оргинална литература, мобилизатор на новата енергија, миленик на широката и искрена детска публика, истакна Николовска.

Таа нагласи дека нема поголем синоним за лектира од Васил Куноски.

- Зборот лектира значи одбрана литература што треба да се прочита за определен период. Васил Куноски е синоним за лектира. Нема современик што не растел без неговите дела. Нема никој што незнае барем стих од неговата поезија, рече Николовска и додаде дека лектирата на Куноски не се сфаќа како нешто задолжително туку како нешто интересно, живо, оргинално, ведро и весело.

За поезијата на Куноски, Николовска рече дека таа има висока автентичност и дека како таква е препознатлива. - Пристапна кон детската публика, јасна и речиси идеална за почетничко литературно и јазично описменување и култивирање на најмладите, додаде таа.

Васил  Куноски е роден на 20 ноември 1916 година во Дебар. Автор е на голем број книги за деца и добитник на повеќе книжевни награди. Преведуван е на неколку странски јазици. Починал во Скопје на 13 јуни 1993 година.