Македонија
8. September 2016 - 18:27

Честитка од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски

Нашата генерација веќе четврт век го живее сонот на бројни македонски дејци и херои. Сон кој истовремено е и аманет за нашата и за идните генерации да продолжиме да ја градиме Република Македонија како стабилна и просперитетна држава. 

Нашата држава во минатото се соочи со бројни предизвици. Без разлика дали биле помали, или огромни за една млада демократија како нашата, Македонија пред нив застана исправено и одговори на сите до еден. Уште на самите почетоци беа оспорувани нашите одбележја, нашата химна, знаме, име, валута, армија полиција, беше оспорувана способноста Македонија да биде самостојна одржлива држава од земјите од соседството, и од некои од нашите сограѓани. За овие 25 години покажавме дека иако не сме огромна држава со неброени ресурси, имаме многу луѓе со големо срце и нескршлива волја кои се способни да изградат силно демократско општество во своја сопствена држава.

„Овој 8-ми Септември посакувам да биде дополнителен мотив заеднички и обединети да ги пребродиме и овие предизвици пред кои сме исправени. Но и да биде потсетување на светата обврска која ја имаме и кон оние пред нас и кон оние кои доаѓаат, да бидеме обединети во националните интереси и да го чуваме идеалот за независна Македонија. Нека е вечна Република Македонија! се вели во честитката од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.