Бизнис
19. December 2015 - 16:50

Цените на куќите ќе паѓаат- граѓаните задоволни од владиниот проект „Купи куќа за млади“

Граѓаните особено помладите го поздравуваат новиот владин проект Купи куќа за млади.Велат дека ќе им помогне на корисниците да решат едно од најважните  животни прашања. Да дојдат до сопствен дом, а истовремено да заштедат. Го очекуваат почетокот на проектот за да можат да аплицираат.

Инаку проектот вклучува два модели. Со првиот модел државата 11 години ќе му помага на корисникот да ја плати ратата за кредитот .И тоа 8 години државата плаќа 80 отсто од ратата а следните 3 години половина рата. Со вториот модел учество, државата целосно го плаќа учеството кое изнесува 25 отсто од кредитот. Средствата се неповратни.

„На почетокот е потребна поддршка, а ние преку овој проект таа поддршка ја обезбедуваме. Сакаме да дадеме една добра шанса за младите да решат едно од животните прашања- обезбедувањето на сопствен дом. Убеден сум дека овој проект, Купи куќа за млади ќе им обзбеди мноштво позитивни ефекти на младите луѓе. Ќе продолжиме и понатаму да даваме силна поддршка на младите луѓе преку многу други проекти и преку многу други мерки. Младите и понатаму ќе останат во фоусот на нашето внимание“, соопшти премиерот Груевски.

Проектот ќе почне да важи од први февруари. Со него се опфатени млади брачни партнери или поединци, со примања до 900 евра за поединец и до 1.300 ако барателите се во брачна заедница.

Се очекува преку проектот Купи куќа за млади да се намалат цените на куќите кои ќе станат подостапни за граѓаните. Слично на проектот Купи куќа купи стан кој ја намали цената на станбениот квадрат и каматните стапки на кредитите. Преку него беа доделени кредити во износ од 25 милиони евра.