Цела Струмица трага по исчезнатата 28 годишна Марија на која и се губи траг пред цела една недела
Во потрагата по исчезнатата Марија Брзакова од Босилово се вклучија и ловните друштва. Околу стотина ловџии, пред се од ловното друштво Гоце Делчев од Босилово, но и од Ново Село и Струмица во координација со полицијата утрово тргнаа во потрага по 28 годишната Марија која исчезна на 18 – ти овој месец. Ловџиите заедно со полицијата, но и граѓани доброволци денеска ќе го пребаруваат теренот околу речните корита, каналите и браните во регионот.
Од ловното друштво Гоце Делчев најавија дека нивните членови остануваат на терен се додека не се пронајде исчезнатата жена. Најавија, доколку има потреба, а во координација со полицијата, потрагата може да ја прошират и во поширокиот регион. 28 годишната Марија Брзакова исчезнала во раните утрински часови на 18 - ти јануари. Од тогаш и се губи секаква трага. Според информациите од семејството облечена е во темни тренерки, на нозете имала патики или влечки,а со себе не носела ниту чанта, мобилен телефон или било каков документ. Висока е околу 160 сантиметри, средна градба, со долга костенлива коса. И од полицијата и од семејството апелираат до сите граѓани кои ќе ја забележат или пак имаат било каква информација да пријават во најблиската полициска станица.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар