Царовска: Владата работи на проширување на опфатот на стечајци со Законот за обесштетување
Со Законот за материјално обесштетување на стечајците донесен во септември 2017 година, до денеска е остварено правото на 2.333 баратели, а во моментот Владата веќе работи на дополнување и проширување на опфатот со постоечкиот закон, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска одговарајќи на пратеничко прашање.
- Унапредувањата и проширувањата на Законот се однесуваат на овозможување да престанокот на стечајните работници бил и во приватна компанија, но компанијата да го има истиот матичен број, што значи дека станува збор за исто претпријатие. И возраста се релаксира, исто така, со тоа што велиме не мора од стапување на сила на законот да има 52 и 55 години старост, туку во моментот на поднесување на барањето. Со ова очекуваме да има зголемен прилив на барања, изјави Царовска.
Одговарајќи на пратеничко прашање поставено од Јагода Шахпанска од СДСМ, за тоа што планираат да преземат со детските одморалишта, Царовска рече дека објектите се во разрушена состојба и никој не се грижел за нив 11 години.
- Во октомври изработивме каталог на достапни одморалишта. Во моментот има четири во сопственост на МТСП, и тоа „Малешево“ во Берово, „Пелистер“ во Битола, „Николиќ“ во Дојран и „Суви Лаки“ во Берово. Во дел веќе имаме заинтересирани странски инвеститори со цел тие да се претворат во објекти за социјална заштита, но со друга намена, а за други има интерес за претворање во туристички објекти. Има работна група за можни правни управувања на овие објекти и во која форма ќе бидат понудени. Откако ќе донесе Владата одлука ќе биде јавно понудени, рече Царовска.
Министерката за образование и наука Рената Дескоска одговарајќи на пратеничко прашање истакна дека планираните реформи во сегментот на образованието се одвиваат според планираната диманика програма на Владата, иако не се лесни и граѓаните и работодавачите директно ги чувствуваат според успешноста или неуспешноста.
Дескоска пред пратениците кажа дека и оваа година Македонија ќе помине низ тестирање на успешноста на учениците и оти се преземале чекори за едукација и мотивација на наставниците за ова тестирање.
Во однос на законските измени, информираше дека прв до Собранието ќе биде пуштен законот за високо образование, за што работната група почна да работи во јуни лани.
Законите за основно и за средно образование до јуни треба да бидат доставени до Парламентот.
- Сакаме реформата да биде комплементарна и овие два закони да бидат пуштени во пакет, вели таа додавајќи дека јавноста е заинтересирана за овие закони бидејќи има дел кој се однесува и на статусот на наставниците, бројот на учениците во паралелките, фондот на часови...
Министерот за правда Билен Саљији, одговарајќи на пратеничко прашање за Законот на извршители, рече дека Министерството има подготвено Предлог закон за измени на Законот за извршители, со цел да се олесни животот на граѓаните.
- Предлог законот е спремен, многу нешта се вградени. Утре на Влада во присуство на сите министри од економските ресори ќе има јавна расправа со цел да се разгледа проектот. Законот содржи олеснувања во насока на пораст на квалитетот на животот на граѓаните, изјави министерот Саљији.
Ново на Сител
-
ЦУ: Спречени обиди за криумчарење кокаин, цигари, облека и нелегален изнес на девизи
-
Приведени крадци од Боговиње
-
Изгаснат пожарот во Бутел 1, опожарен и дел од кровната конструкција на соседната барака
-
Автоматски пушки и муниција пронајдени во селото Грешница, поведена истрага
-
Суд во САД: Свршеничкиот прстен му припаѓа на давателот по раскин на веридбата, без оглед чија е вината
-
Виртуелен приказ на базиликата „Свети Петар“ во Ватикан
-
„Битлс“ и „Ролинг стоунс“ се „Греми“ соперници и во 2025 година
-
Дуелот Бешикташ – Макаби преместен во Унгарија