Македонија
11. April 2018 - 8:51

Царината одбележува 26 години самостојност и независност

Царинската управа на Република Македонија денеска ќе го одбележи Денот на царината - 16 април, со кој означува 26 години самостојна и независна царинска управа во РМ.

Свечена церемонија ќе се одржи во Музејот на современа уметност на која ќе бидат презентирани постигнатите резултати на Царинската управа во 2017 година, како и целите кон кои царината ќе биде насочена во идниот период.

На свеченоста внимание ќе се посвети и на развојот на дигитализацијата на царинската служба, односно „Царината некогаш и денес“.

Дел од царинскиот празник ќе биде и темата „Херои на секојдневието“, по која  неколку царински службеници ќе презентираат со какви ситуации и случки се соочуваат во секојдневното работење.

На свечената церемонија на соработниците на Царинската управа ќе им бидат врачени плакети и признанија за успешна соработка.

На свеченоста е најавено присуство на претставници на државата, Владата, министерствата, дипломатскиот кор, претставници на науката и бизнис заедницата, колегиумот на Царинската управа и други.