Болничките капацитети полни, во ГОБ 8-ми септември 100 лица на кислород, 14 на респиратор
Со 140 хоспитализирани пациенти од кои 17 се на респиратор а 100 на кислородна поддршка, ГОБ 8-ми септември и понатаму е најоптеретена болница во третманот на пациентите со Ковид 19. Сите се во тешка здравствена состојба меѓу хоспитализираните има и 30 пациенти позитивни на вирусот кои одат на дијализа и им е потребен посериозен третман.
- Кај нив лекувањето е малку потешко, тие покрај основната болест имаат и корона и за овие пациенти има 6 апарати кои се наменети само за нив. Има проблем кај нив што може да доијде до згрутчување на крвта и се запушува канелата па мора да се менуваат нови, бараат третман, вели др. Христијан Костов директор на ГОБ 8-ми септември.
Од болницата велат дека секојдневно примаат од 15 до 20 пациенти позитивни или сомнителни на Ковид-19 и поради тоа имаат потреба од дополнителен медицински кадар. Во оваа установа веќе се дојдени на испомош медицински сестри од внатрешноста, но им фалат анестезиолози поради големиот број на случаи кои се во многу тешка состојба.
- Кадарот е преморен сите во болницата се ангажирани овие 3,5 месеци. Ни фалат анестезиолози поради големиот број на пациенти хоспитализирани во болницата, вели Костов.
Освен во 8-ми септември, се полни и во детската болница во Козле која е втор Ковид центар. Таму во моментот има 30 пациенти од кои седум се деца а останатите возрасни од 41 до 85 години. Тројца се на кислородна поддршка.
Капациететите во инфективните одделенија се исполнети а државата по бројот на заразени и починати и понатаму руши рекорди во европски рамки. Во регионот Македонија е прва на листата со 291 случај на Ковид 19 на 100 000 жители за разлика од Србија каде има 160 заразени на 100 000 жители но и четирипати побројно население од нашата земја.
Според вчерашната статистика пак, со 12 смртни случаи Македонија се најде 7-ма на листата во Европа по бројот на починати како последица од корона вирусот. Пред нас се земји кои имаат меѓу 10 и 70 пати побројно население. Во текот на вчерашниот ден 12 починати биле регистрирани и во Германија – земја со 83 милиони жители.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар