Македонија
19. September 2024 - 19:42

Мицкоски: Интеграцијата на ЕУ да се темели на напредок, а не билатерални прашања

Основата за влез во Европската унија да биде напредокот на државата, а не билатерални прашања од средниот век. Ваква порака упатил премиерот Христијан Мицкоски на средбите со претседателите на Европскиот совет и Европската комисија во Брисел. Според Мицкоски, и по две и пол децении од потпишувањето на договорот за стабилизација и асоцијација, државата е заглавена во билатерални проблеми кои ја попречуваат европската интеграција.

„Мора процесот на интегрирање во рамките на европската унија и за нас, но и за регионот, да се темели на процес на кој што ќе се оценуваат постигнувањата, а не на билатерализација, односно на билатерални прашања кои ќе бидат одлучувачки фактор. За жал, ние речиси две и пол децении откако го почнавме овој интеграционен процес откако го потпишавме договорот за асоцијација и стабилизација сме жртви на билатерални проблеми, односно, на билатерилизација на предпристапниот процес“, изјави во Брисел Претседателот на владата, Христијан Мицкоски.

Мицкоски потенцира дека повеќе не може да се прифаќаат ултиматуми за влез во ЕУ. Во име на европските вредности, досега државата променила име, устав знаме, банкноти и веќе се докаќало дека земјата сака да е дел од европското семејство.

„Ние не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми и за нас принципот тие се таму, вие сте надвор, ако сакате да бидете таму треба тоа да го прифатите, простете, но ние такво нешто не можеме да прифатиме, а од друга страна ни велат дека има желба да бидеме како држава членка во ЕУ. Мојот одговор на таа теза е, ако има желба, има и начин“, изјави Мицкоски.

Премиерот Мицкоски се сретна и со Еврокомесарот за проширување Вархеји, со кој разговарале за иднината и приоритетите на Македонија. На средби со европските челници во Брисел се и министрите за надворешни и трговија Муцунски како и министерот за европски прашања Муртезани.