Македонија
3. December 2019 - 15:03

Боки 13: Колку што сум седел во ресторан со Јанева, толку сум седел и со Рускоска

Бојан Јовановски – Боки 13 во Судот рече дека живеел за денот кога ќе може да зборува, зошто е мета на јавен линч пет месеци за монтиран случај наречен „Рекет“.

– Преку овој предмет се водат политички борби кои паѓаат на мои плеќи. Точно е дека сум невработен и со блокирана сметка кога со јавен линч се уништи еден медиум. Притворот ми го уништи здравјето и ги влоши последоците од двете операции правени во болницата на Јордан Камчев, изјави Боки 13.

За некој да има реално или претпоставено влијание треба да има и реален авторитет, а единствено реално нешто во овој предмет, како што истакна Боки 13, е тоа што синот на Катица Јанева бил вработен во неговиот медиум – 1ТВ.
 
– Оваа обвинителката има гостувано во мојата телевизија и колку што сум седел во ресторан со третообвинетата, толку сум седел и со надлежната сега обвинителка. Разлика нема, изјави Боки 13.
 
Ги повикувам, порача Боки 13, меѓународната јавност и амбасадите на САД и Франција да го следат овој процес.
 

– Ќе сведочам за сите инволвирани во овој настан, ќе сведочам за организаторот и сите помагачи, а преку мојот бранител ќе бидат поднесени соодветни пријави, рече Боки 13.

Претходно адвокатот на Боки 13, Сашо Дуковски, рече дека не е доволно да се каже оти имало наводно влијание, туку треба и да се прашаме како е можно еден самонаречен естраден уметник да изврши влијание на главниот јавен обвинител.

– Ова е првпат во историја на Република Македонија за мислење на јавен обвинител да биде покренат цел судски процес. Но најважно е кое дело е извршено со ова наводно дело на извршено влијание, пуштање од притвор, изјави Дуковски.
 
Предлагаме, рече Дуковски, технички советник, за утврдување на автентичноста и времето и местото на аудио и видео снимките.
 
– Од предложените докази ќе утврдите дека не е можно да се извршило тоа предавање на парите, изјави Дуковски.
 

Тој пред Судот посочи дека од материјален аспект не може да се води кривичното дело за перење пари додека не се докаже првото дело.