Македонија
11. November 2024 - 16:36

Почна со работа Комисијата за правична застапеност во Собранието

Владата доби рок до 15 декември да даде Извештај и да подготви акциски план за правична застапеност во администрацијата. Задолжението го доби од Комисијата за соодветна и правична застапеност во парламентот, ново собраниско тело кое треба да се грижи за овој уставен принцип. 

Комисијата според надлежностите треба два пати годишно да изготвува Извештај за правичната застапеност врз основа на податоци што ги добива од институциите.

Ова е прва седница на собраниското тело што беше формирано на предлог на опозициската ДУИ, но неа ја поддржаа и владејачките ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, како дел од меѓупартискиот договор интегративците да го обезбедат 2/3 мнозинство за формирање на новите министерства во кабинетот на Мицкоски. На Комисијата денеска немаше претставник од СДСМ.

Образложението е дека нивниот член бил оправдано отустен, но и дека телото се уште го сметаат за пазар меѓу Ахмети и Мицкоски.

Комисијата се формираше среде политичката дебата за укинување на Балансерот, алатката за вработување по етнички клуч во јавната администрација. Од власта тврдат дека собраниската Комисија не е замена за Балансерот туку само надзор, додека за вработувањето по етнички клуч се чека новото законско решение за правична застапеност.

Финалната верзија на договорениот нов закон, според политичките најави ќе треба да го помине и филтерот на Венцијанската комисија.

Во меѓувреме, министерот за администрација Минчев потврди дека од наредниот месец ќе продолжат вработувањата во јавната администрација без графата за етничка припадност, како што одлучи Уставниот суд.