Свет
28. October 2020 - 8:35

Блумберг вложува уште 15 милиони долари во кампањата на Бајден во Охајо и Тексас

Американскиот милијардер Мајкл Блумберг одлучи да вложи дополнителни 15 милиони долари во промоција на претседателскиот кандидат на демократите Џозеф Бајден во сојузните држави Охајо и Тексас.

Блумберг, кој е поранешен градоначалник на Њујорк, веќе вложил 100 милиони долари од своето богатство, со цел да му помогне на Бајден на изборите на 3 ноември во сојузната држава Флорида да го победи актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп.

Со реклами во Тексас и Охајо, за кои Блумберг издвојува финансиски средства, демократите ќе го критикуваат управувањето на Трамп со кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот. Во Охајо ќе има и реклами кои ќе го промовираат планот на Бајден за нови инвестиции.

Во фокусот на кампањата во САД се наоѓаат мал број сојузни држави кои всушност го одлучуваат резултатот на изборите поради специфичноста на американскиот изборен систем.

До пред неколку недели се сметало дека Трамп речиси извесно ќе ги освои Тексас и Охајо, но анкетите сега предвидуваат тесен резултат меѓу двајцата противкандидати.

Победникот на изборите не го одлучува вкупниот број на гласовите на ниво на цела земја, туку бројот на таканаречените електори, кои ги добиваат кандидатите во секоја од 50 сојузни дрќави и во Дистриктот Колумбија. Победник на изборите е кандидатот кој ќе освои најмалку 270 од 538 електори.