Македонија
28. July 2019 - 16:35

Битола во предилинденска атмосфера

Со „Комитското“ во изведба на КУД „Илинден“ синоќа во Битола започна 49-то издание на Републичкиот фестивал на песни и ора „Илинденски денови“. На официјалното отворање му претходеше традиционалното дефиле по Широк Сокак каде својата култура, традиција и фолклор ја претставија над 30 ансамбли од три континенти. Покрај македонските фолклорни ансамбли,  продефилираа гости од Мексико, Индија, Русија, Израел, Белгија и Италија.

-Имавме слушнато за овој фестивал, кога одлучивме дека сакаме да дојдеме во Европа, бевме сигурни дека сакаме да учествуваме на овој фестивал во Македонија, односно „Илинденски денови“ Битола, вели учесник од Мексико.

-Дојдовме тука и ќе ви претставиме неколку од нашите најпознати израелски танци, вели учесник од Израел.

Фестивалот за отворен го прогласи потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски.

-Вие сте вистински амбасадори и културата на еден народ. Тоа го правите на еден нетипичен, сепак толку универзален јазик, односно преку преплетување на културните мемоари од земјите од кои доаѓате, истакна Горан Мисовски, потпретседател на собранието.

Продолжувајќи ја мисијата за заштита, негување и презентација на духовното културно наследтво, фестивалот и оваа година во пет фестивалски дена ќе ги промовира културните различности.

-Приказна топла, силна, истрајна, радосна. Приказна која не врзува со прекрасни спомени, со кој несвесно сме пораснале многу генерации од нашиот град, рече МАЈА АНДОНОВСКА-ИЛИЈЕВСКИ, ДИРЕКТОР НА ФЕСТИВАЛОТ.

-Во Битола широко се отворени прегратките за илјадници насмевки, звуци, танци во кои што ќе уживаме во деновите кои ни претстојат. Речиси половина век, истакна НАТАША ПЕТРОВСКА, ГРАДОНАЧАЛНИК НА БИТОЛА.

Годинешното издание на фестивалот Илинденски денови ќе се заокружи со концерт на Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ.