„Биографија низ фотографија“ - изложба за Ченто во Прилеп
По повод 60 години од смртта на Методија Андонов Ченто (24 јули 1957), првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, синоќа во ликовната галерија на Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп беше отворена изложбата „Биографија низ фотографија“ организирана од прилепскиот Завод и музеј. Автор е историчарот Рубин Белчески кој за неколку години собрал повеќе од 200 фотографии и документи.
- Контактирав и барав во повеќе институции, музеи, со семејството на Ченто, за да се собере материјалот. Фотографиите го следат животот на Ченто од неговата 17-годишна возраст, неговото дело, виорниот период веднаш по ослободувањето, процесот против Ченто, па се до неговата смрт во 1957 година. Пренесени се и фотографии на споменици и спомен-обележја за Ченто. Со оваа изложба сакам низ фотоприказна да го претставам животот на еден голем човек, со голема љубов кон татковината. Неговите желби, надежи и неговиот голем патриотизам сакам да им го пренесам на новите генерации, истакна авторот Белчески.
Промоторот Слободан Беличански рече дека изложбата е возбудлива историска приказна.
- Изложбата се доживува со срцето и со умот. Ова е возбудлива историска приказна за еден голем човек – Методија Андонов Ченто кој никогаш не се откажал од своите стремежи, рече Беличански.
Ќерката на Ченто, Марија Јакимоска, истакна дека емотивно го доживува фотографското претставување на животот на нејзиниот татко.
- Возбудена сум, на оваа изложба има фотографии кои и јас досега не сум ги видела. Горда сум на моето семејство, на татко ми, но и на мајка ми која во тие тешки години сама се грижеше за нас. Жал ми е што не дочека дека се обистинуваат нејзините зборови дека вистината и правдата еден ден ќе излезат на виделина за татко ми, рече Јакимоска.
На 17 август ќе се навршат и 115 години од раѓањето на Ченто (1902). Авторот-историчар Рубин Белчески рече дека треба да биде издадена и фотомонографија, а и дека изложбата „Биографија низ фотографија“ може да биде претставена во училиштата и во повеќе градови во земјава.
Ново на Сител
-
Производителите на пченица бараат повисоки откупни цени – откупувачите не даваат
-
Тема на денот со Горан Благоев, верски аналитичар и историчар од Софија
-
Коце Трајановски нов директор на Државни патишта, СДСМ критикува
-
Чибишев и поднел пријава на Бесија Иљази зошто незаконски им исплатила 650.000 денари на договорците
-
Судскиот совет има напредок, но и уште многу работа - Реакции на меѓународната заедница
-
Радев: Мицкоски нема познавање од меѓународно и уставно право
-
Приватните превозници нема да возат, бараат исплата на долг од над 2 милиони евра
-
Ни волшебно стапче нема да помогне за учениците во седмо одделение да имаат нови учебници