Македонија
4. јуни 2019 - 19:21

Бајрам го слават и верниците во Битола

Денеска се слави еден од двата најголеми муслимански празници, Рамазан Бајрам. Овој празник муслиманите од Битола денеска го започнаа со бајрамската молитва во неколку џамии во градот. Посакаа денес да биде ден на среќа, здравје, почит, простување, радост и љубов за сите верници.

-Бајрам како еден од двата најголеми муслимански празници претставува посебна радост за сите нас. Рано наутро верниците се собираат на бајрамска молитва во џамија, а потоа се враќаат во своите домови со најблиските на бајрамска трпеза, која е карактеризирана со традиционална бајрамска баклава. Празникот Рамазан Бајрам претставува хуманост, солидарност, блискост, љубов и почит кон сите блиски и другите, истакна ВЕБИ КЛЕЊА, ИМАМ.

Утринската молитва го одбележа завршувањето на светиот месец Рамазан и најголемиот симбол - едномесечниот пост. За нив, месецот на Рамазан има посебен дух.

-Се собираат навечер на молитва на џамија, голем број верници ги посетуваат џамиите. Се ствара еден многу добар амбиент, многу добро друштво што тоа го нема надвор од овој месец на Рамазан.  Муслиманите од Битола и од околината се дружат во текот на месецот на Рамазан, преку дента, но повеќе навечер, на молитва, на заеднички вечери, на трибини, истакна АМИТ РАСИМИ, БИТОЛСКИ МУФТИЈА.

Рамазан е деветиот месец во исламскиот календар и месец на почетокот на објавата на светата книга Куранот.