Свет
8. September 2021 - 8:31

Авганистанската нова влада со познати лица, предводена од личност од листата на терористи на ОН

Талибанците вчера го објавија составот на новата влада, а министерските позиции ги добија личности кои се истакнале во изминатите 20 години во борбата против САД и сојузниците.  Владата ќе биде предводена од мула Мухамед Хасан Акунд, кој од 2001 година се наоѓа на листата на терористи објавена од ОН, каде е опишан како еден од „најефикасните талибански команданти“.

Тој ја предводеше и талибанската влада во последните неколку години од нивното претходно владеење во Авганистан, во период од 1996 до 2001 година. Тој ќе ги води секојдневните работи, односно ќе биде во улога слична на премиерската.

Врховен лидер ќе биде Мавлави Хаибатула Ахунџада, кој претходно беше назначен за водач на Талибанците. Тој ќе го има последниот збор за политички, верски и воени прашања под раководната структура.

Со новата власт, доаѓа и ново име, па талибанците вчера соопштија дека земјата од сега ќе биде позната како „Исламски емират Авганистан“, име кое талибанците го користеа за време на нивното претходно, главно непризнато, владеење од 1996 до 2001 година.

Веста за формирањето на владата ја соопшти портпаролот на талибанците Забихула Муџахид на прес -конференција во Кабул. – Исламскиот емират одлучи да назначи и објави службен кабинет за извршување на потребните владини работи“, рече тој.

Муџахид соопшти за 33 членови на „новата исламска влада“ и додаде дека преостанатите места ќе бидат објавени по внимателна анализа.

Еден од двајцата вицепремиери ќе биде Абдул Гани Барадар, кој ја предводеше талибанската страна во преговорите со САД и старата авганистанска влада. Мохамад Јакуб Муџахид, син на основачот на талибанците, е назначен за привремен министер за одбрана на Авганистан; мула Абдул Хак Васик е вршител на должноста министер за разузнавање.

Сираџудин Хакани, водач на мрежата Хакани, е назначен за вршител на должноста министер за внатрешни работи на Авганистан, кој е одговорен и за еден од најсмртоносните напади против Американците и по кого ФБИ распиша потерница. Портпаролот информира дека министер за надворешни работи ќе биде Мула Амир Кан Мотаки.

Нема докази дека има и други политички актери во владата покрај талибанците, што беше едно од главните барања на меѓународната заедница.

Една од првите задачи на новата влада ќе биде да се обиде да отвори дипломатски и економски канали, додека во исто време ќе бара признавање од странските влади.

Новата влада беше формирана откако талибанците го освоија Кабул на 15 август со неверојатна брзина и ја презедоа власта во Авганистан. Назначувањето на новата влада се очекуваше со денови, откако беше завршено повлекувањето на меѓународните сили од Авганистан на 31 август. За две недели, повеќе од 123.000 луѓе беа евакуирани од Авганистан.

Евакуацијата, беше и една од главните причини за посетата на американскиот секретар за надворешни работи Ентони Блинкен на Катар.  По Катар, Блинкен ќе ја посети воената база Рамштајн во Германија, каде што се наоѓаат неколку илјади евакуирани Авганистанци.

Блинкен вчера се заблагодари на Катар за неговата улога во евакуацијата на илјадници Американци и Авганистанци од Авганистан по талибанското преземање на власта во земјата. Катар прими повеќе од 55.000 авганистански бегалци, од кои многумина се сместени во американска база во земјата.

Главниот американски дипломат, исто така, рече дека Вашингтон успеал да евакуира 6.000 Американци од аеродромот во Кабул, истакнувајќи дека 100 Американци сè уште не одлучиле да го напуштат Авганистан. Блинкен посочи дека талибанците им рекле на САД дека „ќе им дозволат на луѓето со патни исправи слободно да заминат“ од Авганистан. Тој, исто така, нагласи дека САД тесно соработуваат со Катар и Турција за прашањето за продолжување на цивилните летови до аеродромот во Кабул.

Министерот за надворешни работи на Катар, Мохамед бин Абдулрахман ал-Тани, од своја страна рече дека Доха евакуирала 58.000 луѓе од Авганистан. Катарскиот министер, исто така, ги повика ОН и другите меѓународни организации да продолжат да пружаат помош за Авганистан.

Со оглед на корона-кризата, но пред се поради тоа што странците ја запреа помошта, голем дел од Авганистанците се соочуваат со глад.  Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарните прашања (OCHA) предупреди дека Авганистан се соочува со колапс на основните услуги, а храната и другата помош наскоро ќе исчезнат.

Портпаролот на OCHA, Јенс Лаерке, на брифингот на ОН во Женева рече дека на милиони Авганистанци им е потребна храна и здравствена помош, повикувајќи ги донаторите да дадат повеќе пред меѓународната конференција за помош за Авганистан на 13 септември.

Агенцијата издаде итен апел дека се потребни околу 600 милиони долари до крајот на годината за да се задоволат хуманитарните потреби на 11 милиони луѓе изложени на ризик од суша и глад.

„Основните услуги во Авганистан пропаѓаат, а храната и другата помош за спасување наскоро ќе исчезнат…Ги повикуваме меѓународните донатори брзо и великодушно да го поддржат овој апел“.