Апликација од американска ИТ-компанија за англиски и претприемништво преку игра
Министерството за образование и наука денеска потпиша Меморандум за соработка со американската ИТ-компанија Woogi International за воведување апликација за англиски јазик и претприемништво во основното и средното образование преку игра, при што ментори на учениците ќе им бидат нивни врсници на кои англискиот им е мајчин јазик.
Преку креирање заедничка група во играта и меѓусебно комуницирање учениците ќе го подобруваат нивото на познавање на англискиот јазик. Апликацијата е креирана од компанијата и веќе се користи во училишта во САД, Канада, Бразил и Кина. Содржината на курсот е акредитирана од Универзитетот во Калифорнија кој по завршувањето доделува и диплома.
- Целта на апликацијата е учениците уште од најмала возраст да бидат воведени во светот на претприемништвото, со што структурата на апликацијата е направена во неколку фази и за различни возрасти. Таа се користи за деца од предучилишна возраст до средно образование. Во земјите каде што е воведена, играта даде двоен ефект - креирање претприемачки дух кај младите од рана возраст и подобрување на англискиот јазик, истакна министерот Абдилаќим Адеми по потпишувањето на меморандумот.
Пилот-проектот опфаќа натпревар меѓу ученици од САД, Канада, Бразил и Кина кој ќе трае два и пол месеца - од 15 јуни до 31 август. Додека трае натпреварот, учениците ќе бидат поврзани онлајн, формирајќи заеднички тимови со учениците од сите пет земји и заедно ќе се натпреваруваат со другите тимови.
Од Македонија ќе се натпреваруваат пет основни и едно средно училиште со што учениците од средното училиште ќе можат да бидат и ментори за ученици од другите држави ако ги исполнуваат условите предвидени со ТЕСОЛ стандардите. ИТ-компанијата во март ќе обучи советници во Бирото за развој на образованието за примена на апликацијата.
- Со овој меморандум Министерството за образование и наука добива двегодишен бесплатен пристап на програмата од страна на компанијата со што сите ученици, наставници и родители можат да имаат пристап до апликацијата и да ги следат нивните ученици или деца како напредуваат со англискиот јазик и со претприемничките вештини. Преку системот за управување со апликацијата Министерството, училиштата и родителите во реално време ќе бидат известени за оценуваањето и евентуалните проблеми на учениците, истакна Адеми.
Скот Дау, претставник на Woogi International, истакна дека се работи за програма креирана од децата, базирана врз учење преку игра, развиена пред осум години во Северна Америка.
- Оттогаш се запишани повеќе од два милиона ученици од основно до средно образование со над 200 милиони часови онлајн учење. Оваа програма ги мотивира учениците да учат англиски јазик, додека ги практикуваат глобалните вештини на 21 век, како претприемништвото, критичкото размислување, тимската работа, иновациите и културното разбирање. Учениците од Македонија ќе ја користат програмата која е акредитирана во Калифорнија. Тие ќе бидат дел од глобална средина на учење и ќе соработуваат со врсници од Северна Америка, Кина, Африка и Јужна Америка, рече Скот Дау.
Ново на Сител
-
Пожар во парк-шумата Гази Баба | ВИДЕО
-
Кремљ по одлуката на Трамп да испрати оружје за Украина: САД и Европа ја избраа војната
-
Крадец од струмичко пукал кон полицијата, па бил ранет при приведувањето
-
Јулски снег во Словенија
-
Триесет и девет еколошки организации бараат од УНЕСКО да го стави Охридскиот регион на Листата светски наследства во опасност
-
Германија ја обвини Кина дека употребила ласер врз германски авион
-
Над 6.600 учесници тргнаа кон Поточари во Маршот на мирот по повод 30 години од геноцидот во Сребреница
-
До 12:30 часот девет активни пожари, еден локализиран