Анализа: Злоупотребата на европското знаменце ќе има негативно влијание на интеграциите
Европското знаменце на законите за коридорите ќе ни донесе лоша оценка во извештајот на ЕК, сметаат експертите. По изјавата на вицепремиерот Маричиќ дека петте закони ќе се носат со европско знаме за да се избегнат блокадите од опозицијата, директорката на Институтот за европска политика вели дека со ова се ограничува улогата на Парламентот и ќе се скрати дијалогот што ќе се одрази негативно и ќе наиде на забелешки.
„Прашањето за овој пакет закони веројатно ќе биде предмет на критика во однос на користењето на европското знаме, како што беше и јасно ставено до знаење во самата реакција на делегацијата на ЕУ. Веројатно ќе се рефлектира и врз оценката за тоа како се носат политиките и законите, меѓутоа во тој сегмент, ние очекуваме дека ќе имаме, во контекст на градењето на политичкиот дијалог секако дека ќе имаме многу критики и очекуваме дека ова ќе биде една од нив.“ – Симонида Кацарска, Директорка на ИЕП
Иако праксата да се стави европско знаме на неевропски закони не е нова, Кацарска смета дека ваквите постапки носат ризик и секоја идна влада да земе пример за да избегне дебата при носењето закони. Но, и покрај тоа, вели дека во тековниот собраниски состав нема друг начин да се донесат овие закони.
„Јасно е дека ние имаме проблем во Парламентот и јасно е дека владата се соочува со проблем за испорачување во дел на агендата. Меѓутоа, мислам дека ако ја погледнеме самата реакција на делегацијата на ЕУ којашто беше јасно насочена кон тоа дека знаменцето не треба како процедура да се користи за надминување на процедуралните потешкотии во законодавниот дом. Мислам дека е јасно во која насока е и нивниот став.“ - Симонида Кацарска, Директорка на ИЕП
ЕУ во петокот реагираше дека европското знаме за коридорите не е оправдано и најави дека ќе бара дополнително објаснување од власта.
Законските измени ќе се најдат пред пратениците задутре.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар