Македонија
13. March 2019 - 20:01

Амбасадорот Жбогар очекува земјава во јуни да добие преговори со ЕУ

Евроамбасадорот Самуел Жбогар се надева дека државата во јуни ќе добие позитивен одговор за почеток на пристапните преговори.  Според него  најголемото прашање со соседите е затворено, но останува спроведувањето на реформите, процес кој Евопската унија го следи и од кој ќе зависи почетокот на преговорите.

,,Јас ја изразив својата надеж и очекување дека во јуни кога ќе се гласа ќе има позитивен исход затоа што точно е дека најголемото прашање, прашањето за името е затворено со вашиот сосед , меѓутоа сега она што е неопходно се реформите. Ние ги следиме тие реформи,  ќе се направи проценка и верувам и се надевам дека потоа ќе отпочнат преговорите затоа што токму тие преговори се оние што ќе ја донесат промената што и младите деца, а и граѓаните на земјата сакаат да ја видат“, рече евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Европската унија беше тема и на дебатата со учениците од средното училиште Јане Сандански во Струмица. Областите за кои струмичките средношколци покажаа интерес се  различни, но најмногу од се сакале да знаат кои ќе бидат придобивките, а кои недостатоците по влезот на државата во унијата,  но се интересирале и за климатските промени и брегзит.  Дебата во Струмица беше организирана во рамки на кампањата „ЕУ за тебе“.