Македонија
29. May 2024 - 17:10

Ахмети најави битка за одбрана на легитимност

Откако седна во опозициската клупа во македонското Собрание, Али Ахмети најави битка за легитимност. На прес-конференција во Мала Речица повторно обвини за изборен инженеринг против втората политичка сила во државата.

Но прашан што точно Европскиот фронт ќе преземе за да ја покаже легитимноста, Ахмети без конкретен одговор. Вели, јавноста дополнително ќе биде известена.

-Сега Фронтот разговара за сите можности на дејствување. Сите ќе си направат агенди, сите агенди ќе ги знаете за следните чекори на Фронтот, рече Ахмети.

Ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за прекршување на Охридскиот договор поради прекршување на начелото за коалицирање „победник со победник“. Вели, „Зошто тогаш има избори ако македонска партија одлучува кој ќе ги претставува Албанците и другите заедници во власта?“. 

Но прашан дали токму ДУИ го прекрши Охридскиот договор кога во 2017 одлучи да коалицира со СДСМ, Ахмети вели одговорноста била кај мандатарот, а не кај нив.

-Одговорноста за организирање Влада е кај мандатарот. ДУИ во тоа време и во овој случај Фронтот не е мандатар и одговорноста за стабилност, добри меѓуетнички односи, за важни процеси во кои ние се наоѓаме, како во однос со соседите, така и во однос со Брисел, одговорноста ја сносни мандатарот, вели Ахмети.

Првиот човек на интегративците од Мала Речица не одговорни конкретно на прашањето какво е чувството да се седне во опозициската клупа на Собранието за првпат по 16 години. Одговори дека сега пред него претстои битка за одбрана на легитимноста.

ВМРО-ДПМНЕ му одговори, нарекувајќи го палаво дете кое плаче по играчка која не е негова. Партијата вели дека нема ниту мајоризација, ниту шовинизам, ниту пак било важно што Ахмети бил навреден, туку важно е ДУИ да оди во опозиција и да се соочи со одговорност.

-Ако одењето на ДУИ во опозиција е кршење на Рамковниот договор, тогаш и Али Ахмети го прекрши кога реши да ја изостави ВМРО-ДПМНЕ од владата и не го почитуваше резултатот на изборите 2016-та година каде победи ВМРО-ДПМНЕ. Што само значи дека почитувањето на Охридскиот договор нема врска со фактот дали ДУИ е власт или опозиција. Ахмети треба да престане да се однесува како палаво дете кое плаче по играчката која не е негова, затоа што ВМРО-ДПМНЕ не е СДС, ниту пак одењето на ДУИ има некаква врска со односот на ВМРО-ДПМНЕ кон Албанците. Затоа што ДУИ не се само Албанците во Македонија, ДУИ е сегментот кој ги крадеше Албанците исто како и Македонците, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Коалицијата ВРЕДИ бара ДУИ да се реформира. Му порачаа на Ахмети да не плаче зашто не е во коалиција со оние кои ги обвнува дека се антизападни. Од ВРЕДИ велат Ахмети да не го монополизира ЕУ процесот и процесот за унапредување на правата на Албанците.

- Уставните измени се еден од најважните приоритети на ВЛЕН, тргнувајќи од внесување на Бугарите во Уставот како услов за продолжување на ЕУ перспективите, бришење на срамната формулација 20% и промена на изборниот модел за шеф на државата. Имајќи во предвид дека ова се иницијативи за кои треба висок степен на консензус, ВЛЕН во процесите влегува со цел истите да се остварат, а не како до сега, да служат само како восочни фигури со многу шминка а малку содржина. Изборот на Африм Гаши за Претседател на Собранието е добра основа промените да се случат со добра воља и искрен пристап да се прифати реалноста. Апелираме до ДУИ да се однесува како одговорна опозиција, се вели во реакцијата.

ДУИ на Али Ахмети од своето формирање досега само две години беше во опозиција. Од 2006 до 2008 година кога ВМРО-ДПМНЕ направи коалиција со ДПА. Вчера за првпат по 16 години Ахмети седна на опозициско столче во Собранието