Македонија
9. December 2020 - 16:38

7,7% од болните го блокираа здравствениот систем

Дополнително ограничување на работното време за угостителските објекти засега е само најава бидејќи не се знае кога ќе биде на дневен ред на Комисијата за заразни болести. Нови рестриктивни мерки околу новогодишните празници најави министерот за здравство. И додека рестрикциите зависат од притисокот врз болниците, статистиката на Институтот за јавно здравје покажува  дека мал број од дијагностицираните завршуваат во болничка соба.  Во моментот само 6 проценти од активните случаи со корона вирусот, или околу 1300,  се на болничко лекување во ковид центрите во државата.

Од почетокот на пандемијата досега,  од оние во графата оздравени само 7,7 проценти  биле хоспитализирани а останатите 41.257 или 92,3 отсто се лекувале дома.

Од 44 705 – оздравени

-3448  (7,7%) биле хоспитализирани

-41 257 (92,3%) биле на домашно лекуување

Според извештајот на ИЈЗ, загрижувачки се бројките во делот на смртни случаи. Од последната статистика со 1949 починати, 110 или 5,6 проценти не стигнале да добијат лекарска помош во здравствена установа и кај нив смртта настапила вон болнички услови. Опаѓаат и процентите за коморбидитети и од вкупната бројка на лицата што ја изгубиле битката со Ковид 19 –кај  32 отсто не биле регистрирани претходни хронични заболувања.

Статистиката покажува дека во земјата од корона вирусот речиси двојно повеќе починале мажи од жени.