Македонија
29. December 2019 - 16:45

4-ца ученици во битолско Велушина учат во услови како на почетокот на минатиот век

Ова се тоалетите на подрачното училиште во битолското село Велушина. Руинирани, искршени, надвор од училиштето, нефункционални. Зградата е стара, со искршени прозорци, која на прв поглед воопшто не ни наликува на училиште. Украсите на прозорците и на вратите од двете мали училници само наговестуваат дека тука учат четирите ученици од ова село. Жителите на Велушина кои и самите учеле во ова училиште велат дека е оставено на милост и немилост.

-Училиштето е изградено 1928 година, оттогаш ништо нема направено, ситници само. Има една училница каде што учат училници, другите се празни. Тоалетите се катастрофални, немаат одвод, моментално немаат ни врати. Училиштето и тоа е руинирано, чатијата ќе падне, не ја одржува никој. Гледаат да не капи само над училницата, другиот дел мислат ако падне, овој дел ќе се зачува. Нема да се зачува ако не се одржува цел објект, вели Раде Митковски, жител на село Велушина.

Од ОУ „Крсте Петков Мисирков“ Бистрица каде припаѓа ова училиште заедно со уште 14  други, велат дека наследиле проблеми кои долги години се провлекувале во образованието. До пред извесно време сметката им била блокирана, но со одблокирањето велат дека со средства од општина Битола, но и со голем број донации од приватни лица, континуирано работат на санирање и реконструкција на училиштата. Во Граешница е донесен водовод до училиштето каде воопшто немало ни вода.

-Донесен е до објектот, а за распустот планираме да поставиме и санитарии. Во подрачното училиште во Кравари, одводната канализација истекуваше во дворот. После интервенцијата на „Нискоградба“, сега работат, ќе биде приклучено училиштето на главната одводна канализација. Многу ни помогна одблокирањето на училиштето, бидејќи сега набавуваме хигиенски средства кои долги години не беа набавени, најбанално немавме ни сапун течен, ни средство за дезинфекција, со тоа беше доведено во прашање здравјето на учениците, така што тој голем проблем е надминат, вели Димитар Пипилевски, ОУ „Крсте Петков Мисирков“ Бистрица.

Тој дополнува дека заедно со општината во наредниот период планираат да интервенираат постапно, да санираат училиште по училиште за да можат учениците да учат во достоинствени услови.