35 униформи и друга опрема украдени од магацин на АРМ, во кругот на МО и ГШ на АРМ
Кражба во едно од најобезбедените места во земјава. Од кругот на Генералштабот и Министерството за одбрана исчезнале војнички униформи, како и други делови од облека.
Инцидентот се случил ноќта меѓу 29-ти и 30-ти јуни во еден од магацините на Армијата.
Кражбата ја потврдија и од Генералштабот на АРМ без да го потврдат точниот број на украдени униформи, но неофицијално станува збор за 35 украдени комплети.
“Одговорниот за магацините утрото на 30-ти јуни забележал дека се случила кражба и веднаш постапил по утврдената процедура. Известена е Воената полиција која го води случајот и не можеме да кажеме дали имаме осомничени”, велат од највисоката армиска институција.
Засега не е познато дали кражбата е извршена или потпомогната од вработени во кругот на Генералштабот и Министерството. Магацинот се наоѓа во близина на цивилни објекти, од каде можел да дојде и непознатиот натрапник.
“Според неофицијалните информации, причина за безбедносниот пропуст можно е да биде отвор кој се наоѓа во близина на цивилна зграда, а кој подолго време чекал да биде саниран”
Засега не се знае колкава е проценетата штета, а украдените униформи се дел од над 9-те илјади нови комплети, кои Армијата ги набави само неколку дена пред кражбата.
Се претпоставува дека можниот мотив би бил нивна препродажба, бидејќи оваа опрема често е предмет на интерес кај воените ентузијасти.
Случајот е пријавен во МВР, кои во соработка со Воената полиција работат на расчистување на случајот.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар