Македонија
21. September 2023 - 21:09

18-годишник усмртил малолетничка со украдена „Алфа ромео“, па избегал

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 18-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело „Одземање моторно возило“. Со одземеното возило сторил кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, а потоа и кривично дело „Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“.

Како што соопшти Јавното обвинителство, на 30 август годинава од паркинг просторот пред зграда лоцирана на булеварот „Трета македонска бригада“ лицето противправно одзело туѓо моторно возило со намера да го употреби за возење. Управувајќи го украдениот автомобил „Алфа Ромео“ со скопски регистарски ознаки, по булеварот „Борис Трајковски“, осомничениот не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето.

Автомобилот го управувал без возачка дозвола, а брзината на движење на возилото не ја приспособил кон својствата на патот, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови, изгубил контрола над управувачот и со возилото излегол надвор од коловозот на тротоарот од десната страна, каде удрил во телото на пешак. Од ударот, оштетената која се движела како пешак по тротоарот, се здобила со тешки телесни повреди и подоцна починала.

По ударот, без да укаже помош на оштетената, осомничениот продолжил да вози, повторно изгубил контрола над управувачот од возилото и удрил во метална ограда. Го оставил возилото и пеш го напуштил местото, криејќи се од органите на прогонот.

- Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и постојат особени околности што го оправдуваат стравот дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје попладнево достави предлог за определување мерка притвор, се наведува во соопштението од ЈО. 

Ново на Сител