Македонија
12. January 2019 - 16:26

15- годишно девојче загина во сообраќајка кај Струмица

15 годишно девојче загина,  а уште две лица на возраст од 20 и 21 година се повредени во сообраќајна несреќа која се случила утрово околу 4 часот и 30 минути на излезот од Струмица кон селото Дабиле. 

Сите тројца се жители на струмичкото село Радово.  Од полицијата информираат дека возилото Фолксваген кеди  кое било управувано од 21 годишното лице излетало од патот. 15 годишната сопатничка починала на лице место,  додека другата 20 годишна девојка е повредена и таа заедно со возачот веднаш по несреќата е пренесена во струмичката болница.  Кои биле причините за несреќата ќе се знае по завршување на истрагата. 

Според полициската статистика минатата година заклучно со месец ноември  на подрачјето на СВР Струмица биле регистрирани 435 сообраќајни несреќи.

„Сообраќајни незгоди со повредени лица во истиот период, во 2018 година регистрирани се 191, наспроти 229 во 2017 година.  Сообраќајни незгоди со загинати лица се 8 во 2018 година, наспроти 18 во 2017 година и вкупно повредени лица 224 во 2018, наспроти 406 во 2017 година“, вели Хризантема Рендевска, портпарол на СВР Струмица.

Од полицијата информираат дека минатата година една од главните причини за сообраќајните несреќи  на патиштата во југоистокот од државата било брзото возење.  Покрај големата брзина причини за голем број несреќи биле и непочитување на правила на првенство на минување , не држење страна и правец на движење и управување под дејство на алкохол.