Македонија
5. September 2020 - 19:42

140 дивогради во Скопје - граѓаните бараат помош од државата

По примерот со дивоградбата во Мавровка, дуќанџиите од ТЦ Бисер бараат државата да интервенира и кај нив, за објектот пред самиот трговски центар. Тврдат дека се работи за дивоградба и дека сопственикот го изградил објектот и покрај тоа што Град Скопје не издале дозвола ниту за вршење на дејност, ниту за поставување урбана опрема.

“Тој нема дозвола за урбана опрема од Град Скопје, нема ниту градежна дозвола од Општина Аеродром, нема ниту сопственост на платформата на ТЦ Бисер, на која го поставил својот објект, но сепак како финансиски моќник непречен од никого изгради, постави и монтира на сред Трговскиот Центар Бисер најголем деловен простор”, пишува во писмото, зад кое стојат 240 сопственици на приватни локали, како и Управата на ТЦ Бисер.

Од Општина Аеродром денеска не одговорија на нашите прашања.

Дуќанџиите од Бисер до сега се обратиле до сите релевантни институции и надлежни органи, но велат дека веќе три години сите си ја префрлаат топката со образложение дека не се надлежни. Затоа сега пратија писмо и до премиерот, во кое бараат итна средба со него, со цел да се разреши и случајот со оваа дивоградба. За да се спречи т.н. институционален пинг-понг и урбаното дивеење во главниот град, скопскиот градоначалник бара поголеми ингеренции врз дивоградбите. Во моментот во Скопје има околу 140 дивоградби за кои градот нема надлежност да интервенира.

 “Градот, за жал, нема ингеренции над дивоградбите. Аналитиката кажува дека има околу 140 објекти на територијата на град Скопје. Повикувам сите институции да си ја вршат работата. Во Мавровка во сутеренот беше легализиран тој објект, веројатно во постапка на обнова може да се врати тој дел кој беше легализиран”, вели Петре Шилегов, градоначалник на град Скопје.

Во меѓувреме, заврши рушењето на дивоградбата кај Мавровка. Објектот што никна на местото на изгорената тераса од кафулето “Фонтана” беше проследен со низа скандали. Најпрво не се знаеше кој гради, за потоа ниту една фирма да не се пријави на тендерите за рушење на дивоградбата. Владата во вторникот донесе одлука Општина Чаир и Македонијапат да склучат договор, па отстранувањето на дивоградбата започна уште наредниот ден.