Македонија
17. July 2021 - 19:59

12 пожари за еден ден во кочанско, изгоре автомобил

Четири члено семејство едвај успеа да се спаси од пламените јазици предизвикани од запалени стрништа. Вчера доцна попладне на повеќе локации во општина Чешиново –Облешево биле запалени остатоци од слама после жетва, при што се опожарени над 20 ха. Автомобилот со кој се превезувало семејството се нашло во дефект и било зафатено од огнот. 

- Луѓето се извадени од возилото и предадени на итната помош. Однесени се во болница со мали повреди и пуштени се на домашно лекување. Возилото е тотално изгорено- изјави Благој Паунов, командир на ТППЕ-Кочани.

Пожарите беснееле до длабоко во ноќта, заканувајќи се да се прошират во населените места. Во акцијата на гаснење учествувале 11 кочански пожарникари со 6 возила, а им дошле на помош и колегите од Виница.

- Во Облешево има една бензинска пумпа која исто беше загрозена и беше интервенирано со неколку возила и таму. Во текот на ноќта имавме уште еден пожар во Облешево, каде ни беше приоритет спасување на една семјна куќа во која имаше луѓе. Од 11 часот интервениравме до 01.00 ноќта-додаде Паунов

Дополнителен проблем преставувал силниот ветер, но благодарение на брзата интервенција сепак не дојде до човечки жртви и поголеми материјални штети.

- Земјоделците се повеќе од себични. Тие си ги ожнеат нивите и си ги запалат, без воопшто да имаат грижа на совест дали на некој ќе му изгори некој објект или автомобил како во овој случај итн- изјави Паунов

Од завршувањето на жетвата на пченицата и јачменот само во Кочанскиот регион опожарени се над 50 ха стрништа.