Македонија е далеку од гасификација: Преносната мрежа не е готова, дистрибутивната не е ниту почната
Македонија е многу далеку од гасификација. Преносната мрежа не е готова, дистрибутивната не е ниту почната. Тендерот за избор на компанија која ќе ја гради дистрибутивната мрежа беше поништен, но се чека одново да биде објавен. Според информации на Сител, тој е во финална фаза, но кога Владата ќе го објави се уште не се знае.
Во моментот гас поминува низ државата од Бугарија, а се чека да се приклучиме и на грчкиот гасовод. И поврзување со тој интерконектор се чека тендер.
-Ова што зборуваме досега се работи за преносна мрежа. Да кажеме, автопатите, а сега треба да се направат уличките во урбаните средини и да донесат гас до потрошувачите. Тука малку проблемот е комплексен, и треба да се знае системот, изградба на гасификациски систем е жива материја. Прво ќе се приклучат тие што имаат економско оправдување, односно големите потрошувачи кои работат преку целата година, вели професорот Константин Димитров.
Домаќинствата ќе бидат пред голем предизвик. Ќе мора да ја променат белата техника во домовите за да можат да го користат гасот како енергенс. Односно да купат шпорети, бојлери, печки кои работат на гас.
Во главниот град, особено во населби како Пржино и Црниче веќе има домаќинства кои користат течни горива како енергенс и тие ќе можат да се пренаменат за да работат на гас, но едно просечно семејство чиј главен енергенс е електричната енергија ќе треба комплетно да ги менуваат куќните апарати.
И додека ние се уште чекаме да бидеме приклучени на овој енергенс, Европа веќе работи на тоа гасот до 2035 година да биде заменет со енергија од обновливи извори.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар