Свет
30. July 2016 - 8:57

Зошто Ердоган се покажа поуспешен од Јанукович

Реџеп Тајип Ердоган успеа да го спречи обидот за државен преврат во Турција и се задржа на власт. Во врска со тоа на интернет во Русија се појави една шега. Корисници објавија фотографија на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович каде тој изненаден се прашува: „Значи можело и така?“.

„Така“ значи еден метеж да биде задушен со сила. Многумина во Русија, вклучувајќи претставници на власта, сметаат дека во февруари 2014 година исправен пред демонстрантите, а најмногу пред агресивно настроените вооружени националисти, Јанукович дејствувал непростиво меко.

Во многу држави каде владеењето на народот е нова традиција (меѓу нив спаѓа и Турција, а да не зборуваме за Украина), има институција која одвреме навреме ја презема улогата да ги брани демократските вредности. Во Украина таквата институција е плоштадот – уште од времето на претседателските избори во 2004 година. Го искористија како инструмент не само противниците на Јанукович, туку и приврзаниците на неговата Партија на регионите во 2007 година. Тогаш Јанукович беше во опозиција.

Во модерна Турција таквата институција отсекогаш била армијата. Војниците беа сметани за чувари на секуларните демократски традиции, воспоставени од Ататурк. Тие решително стапнуваат на политичката арена ако власта започне опасен флерт со исламизмот.

Но, сегашниот претседател на Турција, за разлика од Виктор Јанукович, превентивно ја ослаби институцијата која еден ден би можела да ја делегитимира владејачката елита. Голем број противници на Ердоган меѓу генералите ги напуштија армиските редови. Некои стигнаа и до затвор. Во командувањето со вооружените сили дојда луѓе лојални на Ердоган.

Така беше потиснат армискиот инстинкт за спротивставување на происламската политика на властите. Тој се зачува воглавно на ниво на полковници. Сега веќе е прочистено и тоа ниво. Голем дел од војниците и силите на полицијата го поддржаа Ердоган.

Друг фактор од значење за спротивставените сили на елитата при обид за државен преврат е сликата на познати корисници на политиката на влста. Станува збор за активен дел од општеството – луѓе кои се подготвени по потреба да излезат на улиците, да не го почитуваат полицискиот час и воената сосотјба која ќе ја објават пучистите и во буквална смисла да се фрлат под тенковите. И сето тоа во центарот на случувањата, во престолнината.

Ердоган има такви луѓе. Нивното излегување на улиците ги испровоцира противниците на власта на агресивни акции, што доведе до крвопролевања по улиците. Во слична ситуација, протестот против владејачката елита губи легитимност. Кога вечерта на 16 јули информативните агенции јавија за загинати полицајци и мирни граѓани на мостот преку Босфор, стана јасно дека Ердоган се справи со ситуацијата.

Јанукович не можеше да го постигне тоа во 2014 година. Жителите на Киев не излегоа да ја заштитат власта. Медиумите не му обезбедија на Јанукович пренос во интерпретирање на случувањата. Командосите од „Беркут“ станаа цел на јавниот гнев.

Потенцијални бранители на актуелната власт имаше во провинцијата Донбас и на Крим. Но, таму веќе беше на сила механизам за отцепување од Украина со присоединување кон Русија или со изглсување на независност. Никој не тргна, условно кажано, на поход против Киев, за да го преземат плоштадот од рацете на „бандеровците“, да го искористат за да извршат притисок врз власта.

Легитимноста може да биде збришана - на пример со неодржување на ветувањата или погрешно справување со предизвиците. Елитата може да ја изгуби власта ако проработи институцијата за делегитимирање, а луѓето не излезат на улицата за да го одржат статус квото.

Ердоган одамна работи на тоа да ја ослаби институцијата за делегитимирање н да ги изведе активните граѓани на улиците. Затоа успеа таму каде што Јанукович не успеа.