Свет
7. April 2016 - 11:40

„Зидојче цајтунг“ нема да ги објави сите материјали за офшор сметките

Германскиот весник „Зидојче цајтунг“, кој прв дојде до „Панамските документи“ со кои се откриваат офшор сметки, денеска соопшти дека нема да ги објави сите материјали.

Весникот тврди дека сите 11,5 милиони документи „нема да бидат достапни за јавноста или органите за заштита на човековите права“.

Според медиумот, властите имаат законско право да ги добијат овие документи од осомничените за извршени нерегуларности, а во многу случаи нема јавен интерес да се откријат офшор дејности на физички или правни лица.

„Зидојче цајтунг“, кој излегува во Минхен, ги добил материјалите од вработен во панамската фирма „Мосак Фонсека“, кој предупредил дека го ризикува својот живот, така што неговото име не е споменато. 

Весникот ги претставил документите на Меѓународниот конзорциум на истражувачките новинари во Вашингтон, кој ги распределил за анализа меѓу медиумите, кои членуваат во него. 

Околу 370 новинари во 78 земји учествувале во истрагата, која траела околу една година.