Македонија
25. January 2016 - 19:16

Завршија градежните работи на новиот ПЕТ центар

Изграден е ПЕТ Центарот. Македонија е единствена земја од Истанбул до Виена со ваков најсовремен здравствен објект. Во центарот ќе може да се открие ако пациентот има и само една малигна клетка. Ќе се користи за рано откривање и на други  тешки болести и ќе се дава прецизна дијагноза. Во него ќе се следи и дали е ефикасна терапијата која им се дава на болните од рак. Ќе се третираат и пациенти од хематологија, кардиологијата,неврологијата, и деца со тешки заболувања. На 11 декември во Пет Центарот за прв пат во регионот е произведен  радио изотоп кој служи за откривање на карцином и други заболувања, а првите пациенти се очекуваат за околу 9 месеци.

-Секоја фаза од овој процес треба да биде валидирана, одобрена, сертифицирана и од домашни институции и од Меѓународната агенција за атомска енергија. Очекувам дека со комплетната валидација на производството и по истекот на овие девет месеци и отпочнувањето со давањето услуги за пациенти односно најсовремена дијагностика, Македонија ќе се вброи во земјите со најразвиен здравствен систем, додаде Никола Тодоров, министер за здравство

Пет Центарот е една од најголемите инвестиции во здравството. Чини 16 милиони евра.

-Како претседател на Владата задолжена за спроведување на изборите и во моето експозе при избирањето на Владата во Собранието кажав дека ќе се трудам и ќе помагам сите тековни проекти на сите ресори кои ги предводам да се одвиваат согласно зацртаната динамика. Ова е еден пример од тоа. Денеска се изврши презентација на тоа до каде е реализацијата на еден од најкрупните проекти во областа на здравството, па и во науката, изјави Емил Димитриев, премиер за спроведување на изборите

Покрај дијагностика и третман на тешко болни пациенти, во Пет Центрот ќе се реализираат и научни студии.

-Тоа значи дека тука имаме една фабрика на радиофармацевтски препарати и клиника односно се она што на пациентите ќе им биде достапно од делот на високо специфични молекули, фармацевтски препарати кои дури треба да бидат етаблирани и како клинички студии. Така за клинички студии не ќе треба да се оди во САД, Франција или Италија. Тоа е нешто што е потврдено и при континуираните посети од експерите од Меѓународната агенција за атомска енергија, но и од колегите кои од другите држави дошле за да видат на кој начин и како се развива овој центар, додаде проф.д-р Емилија Јаневиќ Ивановска, директор на Пет Центарот.

Целта е Пет Центарот да биде регионален, во него ќе се третираат и пациенти од соседството, а радиоактивните изотопи ќе се извезуваат во регионот. На завршувањето на градешните работи на овој значаен здравствен објект присуствуваше и претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски. Тој на социјалните мрежи го истакна значењето на Центарот.

-Најбитно од се е дека ова е проект за луѓето, за да се зголемат можностите за рана дијагностика и за успешност во лекување на болестите кои можат да го загрозат секој човек. Посакувам што помалку да се користи, да има што помалку потреба од него, граѓаните пред се да имаат добро здравје, но во случај на загрозување сега може да се каже дека ќе имаме услови за да се има шанса за подобра здравствена помош и нега, како во светските метрополи. Ова се реални дела, реални проекти, кои може да ги видите и кои се ваш сервис. Продолжуваме да работиме за доброто на граѓаните, одлучно и решително, тоа е нашиот приоритет, напиша Груевски на Фејсбук.