Македонија
29. September 2016 - 20:05

Заврши седницата за пратенички прашања во Собранието

Пратениците во рамки на денешната 121. седница на Собранието поставуваа пратенички прашања до претставниците на Владата.

Претседателот на Владата на Република Македонија Емил Димитриев рече дека уште од првиот момент кога Македонија се соочи со природната непогода Владата се мобилизирала за помош на погоденото населението иодговорила на коректен начин и со максимален придонес за справување со последиците од катастрофалните поплави.

- Благодарение на институциите и граѓаните се расчисти и се отпочна процес на проценка на штетите и нивна исплата. Ова е прва природна непогода во Македонија за која Владата одлучи за 100-процентна исплата на штетите. Евентуалните пропусти треба да се анализираат и институциите да постапат по нив за да се спречи нивно повторување во иднина, рече Димитриев одговарајќи на пратеничко прашање.

На прашањето за обвинувањата од случајот „Трезор“ на СЈО и дали знаел за тоа и дали има уште такви случаи,  премиерот Димитирев рече дека „ставањето на предметите во функција на политиката јасно кажува оти СЈО работи по инструкции на опозицијата“. Димитриев не го коментираше предметот и остави простор, како што рече, за него да се произнесат надлежните институции.

Пратеничката Рената Дескоска, од СДСМ, која ги постави прашањата рече дека не е задоволна од одговорот.

Премиерот Димитриев, одговарајќи на пратеничко прашање рече дека Владата е задоволна од ефектот и ќе продолжи и во иднина со двата проекти „Купи куќа, купи стан“ и „Купи куќа за млади“.

- Еден од двата најголеми приоритети на Владата, покрај намалување на невработеноста, е и решавање на станбеното прашање на младите луѓе, согласно тоа нашите напори и помош ќе продолжат и понатаму. Ефектот од овие мерки е задоволителен и досега се донесени 986 одлуки за одобрување субвенции, од кои 951 за „Купи куќа, купи стан“ 35 за „Купи куќа за млади“, рече Димитриев.

На пратеничко прашање за тоа со кој интензитет се работи на гасоводот Штип-Неготино, Димитриев рече дека проектотот е во сериозна фаза на реализација и досега се изградени 25 проценти, а планот е тој да биде завршен до 2017 година. 

- Тоа е еден од најголемите проекти кои се започнати од Владата, и останува во нашиот фокус. Свесни сме за бенефитот од неговото реализирање и значењето за целокупното функционирање на државата. Во тој контекст сите планови за гасификација се одвиваат според планираното, рече Димитриев.

Пратеникот Петре Шилегов, од СДСМ, обвини дека здравствениот систем не функционира и граѓаните плаќаат скапи лекови и праша дали министерот за здравство Никола Тодоров мисли да понесе одговорност, на што заменикот министер за здравство Јовица Андовски рече дека одговорот ќе биде доставен писмено.

Пратеникот Стефан Богоев, од СДСМ, обвини дека додека Македонија скапо се задолжува за Владата да троши пари за проектот Скопје 2014.

Премиерот Димитриев, во однос на тоа одговори дека народот ќе каже дали проектот е добро направен и дали е убав или не.

- Јас како граѓанин на Република Македонија сум горд на се што е направено согласно законските рамки. На крај ќе остане некој да се гордее, а некој да се срами со овој проект. Сите формулации околу т.н. криминални акции, треба најпрво да се докажат преку институциите, рече Димитриев.

Пратеникот Богоев рече дека не е задоволен од одговорот и посочи дека според анкетите 70 проценти од граѓаните не го одобруваат проектот.

Прашан дали парцелите што се покриени со песок и кал во областа Стајковци, Страчинце и Арачиново ќе бидат расчистени, министерот за земјоделство Михаил Цветков, рече дека е формирана специјална комисија за сите овие земјоделски површини и оти се направени бактериолошки испитувања, по што, како што потенцира, ќе се направи план како секоја од овие површини да биде исчистена и да се користи како земјоделско земјиште.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, прашан дали ќе преземе мерки за отворање на новиот граничен премин од село Лојане до Миратовце на границата со Република Србија, рече дека инфраструктурно е завршен комплетно граничен премин и дека се водат преговори меѓу комисиите за отворање нови гранични премини како од технички аспект тие да бидат отворени.

Посочи дека отворањето на овие гранични премини е многу значајно и од безбедносен аспект и ќе побара дополнителни информации, кои ќе бидат доставени.

Пратеникот Бетиан Китев од СДСМ, обвини дека има голем број неисплатени субвенции на лозари и дека се прават законски измени непосредно пред избори.

Министерот за земјоделство Михаил Цветков рече дека како Министерство преземаат мерки за секое зрно грозје да биде собрано и посочи дека со законските измени винариите доколку не ги исплатат целосно лозарите нема да можат да добијат лиценца и ќе ја загубат веќе постоечката.

На прашањето дали граѓаните ќе ги добијат дрвата за огрев пред почетокот на грејната сезона, Цветков рече дека Владата презема мерки за граѓаните да бидат обезбедени со огревно дрво, и за таа цел бил распишан оглас за склучување договор на сите заинтересирани граѓани со „Македонски шуми“ за набавка на огревно дрво и дека „Македонски шуми“ ќе го испочитуваат рокот.

Заменикот министер за здравство Јовица Андовски, прашан дали  ќе се врати во употреба гениколошко-акушерското оделение во ЈЗО Здравствен дом Неготино, рече дека Министерството се стреми кон подобрување и приближување на услугите до граѓаните, но дека не можат да се отвораат секаде вакви институции и дека доколку се создадат услови и потреба во иднина ќе биде отворен ваков центар.