Македонија
5. March 2018 - 17:43

Законот за јазиците утре на собраниска седница, нејасно е дали ќе има расправа по амандманите на опозицијата

Седницата на која е и законот за јазици утре повторно пред пратениците, но неизвесно е дали Талат Џафери ќе ја отвори и спорната точка. Се уште се чека политички договор меѓу власта и ВМРО-ДПМНЕ за 36-те илјади амандмани поднесени од опозициската партија.

Дека нема договор вчера потврдија и самите лидери на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски по неколкучасовната средба во Владата. Премиерот Заев инсистираше на разумност од ВМРО-ДПМНЕ односно да ги повлече амандманите со цел законот да пројде, а Собранието да не заглави во шестмесечна расправа по него. Според него Уставниот суд требал да направи проценка за уставноста на законот, а не Собранието.

На денешната координација, како што велат извори присутни на состанокот кај Џафери, паднал договор за утре да се закаже продолжение  две седници, меѓу која и онаа на која е и законот за јазиците,  но првично да се поминат останатите заостанати точки, како што е намалувањето на патните трошоци за народните избраници . Упатените велат дека не е исклучено Џафери да ја отвори расправата и по законот за јазици без договор со ВМРО-ДПМНЕ.

Впрочем, минатата недела токму Џафери најави дека законот ќе биде прегласан, но без расправа по амандманите на ВМРО-ДПМНЕ. Како тоа ќе се случи не објасни.

Инаку, Собранието денеска го избра Насер Ајдари, дипломиран правник и државен правобранител, за нов судија во Уставниот суд на Македонија.

Собранието ги избра и Ангел Солев, поранешен судија и адвокатот Ангеле Илиевски за членови на Советот на јавни обвинители. На седницата не присуствуваа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.