Македонија
9. November 2015 - 12:57

Законите од Договорот во Пржино во Собрание

Во собраниска процедура денеска треба да влезат законите за Влада, изборниот закон, законот за „свиркачите“, законот за заштита на приватноста и одлуката за формирање анкетна комисија за прислушувањето, согласно договорот од последната лидерска средба во петокот.

Законските решенија за кои се усогласија лидерите на четирите најголеми политички партии се дел од активностите за спроведување на Договорот во Пржино за надминување на политичката криза. 

За денеска напладне е закажана координација на пратеничките групи на која се очекува да стане збор за договорените закони.

По оваа средба на координаторите на пратеничките групи со претседателот на Собранието ќе се знае точно кога ќе бидат доставени законите до Собранието и кога ќе се одржат собраниските заседанија. Според најавите, се очекува во текот на денов законите да бидат ставени во собраниска процедура и да биде закажано заседанието на собраниските седници на кои би се гласало за нив.

Според договореното на средбата во петокот, министер за внатрешни работи треба да биде Оливер Спасовски, за труд и социјална политика Фросина Ременски, додека за заменици договорено е во информатичко општество да биде Александар Кирацовски, во финансии Кире Наумов и во земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Претходно, согласно Договорот од Пржино, беше формирано и Специјалното јавно обвинителство.

За денеска во Собранието е закажано продолжение на 71. седница.