Бизнис
27. јуни 2017 - 12:06

Заев најави исплата на заостанатите плати и трајно решение за „Колска“

Премиерот Зоран Заев на средба со претставници на Синдикатот на фабриката за шински возила „Колска“ од Велес соопштил дека презема обврска уште денеска да почне да се решава проблемот на вработените кои шест месеци не зеле плата, како и дека ќе се изнајде и трајно решение за статусот на фабриката, соопшти владината служба за информирање.

По насока на премиерот, информираат од Владата, проблемот финансиски ќе биде решен со што 125-те вработени во „Колска“, во најкус можен рок ќе можат да си ги земат одработените плати.  

Заев на средбата со претседателот на Синдикатот Слободан Димитровски и членовите на претседателството Влатко Митревски и Марјан Мицев најавил дека до крајот на неделата ќе одржи стручни консултации за трајно решавање на статусот на „Колска“ и обезбедување на работниот однос на вработените во неа.

Синдикатот предложил решение за враќање на „Колска“ во рамки на Јавното претпријатие „Македонски железници“.

Според соопштението од Владата, претставниците на Синдикатот се пожалиле дека досега се соочувале со несериозен однос од државата, поради што освен што е загрозена егзистенцијата на вработените, тие немаат ниту здравствено осигурување. Поради ова, стои во соопштението, дел од нивните колеги се соочуваат со сериозни здравствени последици.

Претставниците на Синдикатот рекле дека проблеми со платите имаат со години поради несигурниот работен статус и проблемите поврзани со опстанокот на фабриката. Тие посочуваат дека фабриката и е потребна на државата, но според нив, од необјасниви причини, не се користела, додека биле распишувани тендери со странски фирми за одржување патнички и товарни вагони, тоа што е нивна дејност. Тие како решение предложија враќање на фабриката Колска во рамки на Ј.П. Македонски железници, се наведува во соопштението.