Македонија
17. May 2017 - 16:18

„За заедничка Македонија“ поднесе иницијатива пред Уставниот суд за незаконскиот избор на Џафери

Претставници на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ денеска поднесоа иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија.

Богдан Илиевски од „За заедничка Македонија“ истакна дека има повеќе иницијативи кои се однесуваат за оценување на уставноста на изборот на Талат Џафери.

- Оваа иницијатива до Уставниот суд е само почеток. Имаме и други истанци до кои ќе се обратиме доколку Уставниот суд во конкретниот случај се прогласи за ненадлежен. Подготвуваме и една голема тужба, против многу чинители од последните три години која ќе опфати многу материјал, а покрај врвни правници со кои располагаме ќе се вклучат социолози, психолози, филозофи, историчари. Правната битка мора да ја водиме, бидејќи ние не бараме ништо вон правото и правниот систем, рече Илиевски.

Посочи дека секој мора да ги почитува процедурите и правото во оваа држава.

- Правната битка мора да ја водиме бидејќи ние не бараме ништо вон правото и вон правниот систем. За таква држава се бориме и сакаме во Република Македонија тоа да функционира, истакна Илиевски.

Нагласи дека нивните протестни маршеви сега добиваат малку видоизменета форма и минимално редуцирање бидејќи, како што додаде, енергијата им е потребна и за други места. - Но секако улицата која што ја освоивме ќе остане наша и со нашето присуство, најверојатно еднаш неделно, зависно од проценката кога е најдобар момент да се канализира енергијата на граѓаните кои во моментов седат дома. Повторно ќе излеземе на улица мирно и достоинствено да протестираме и да се договориме за заедничка Македонија, за правда во Македонија и за подобар живот за сите, рече Илиевски