Македонија
18. January 2017 - 14:10

За расчистување на улиците во Гази Баба досега фрлени 190 тони сол

Вкупно 190 тони сол и 100 метри кубни ризла се фрлени во сите населени места во општината Гази Баба за расчитување на снегот на улиците. Сите патни правци на територијата на општината се проодни, а сообраќајот во урбаниот и руралниот дел се одвива без застој.

Како што соопшти општина Гази Баба, фирмите задолжени за зимско одржување продолжуваат со активностите и постојано интервенираат со својата механизација за расчистување на теренот. Покрај четирите возила со специјализирана механизација, кои можат истовремено да го чистат снегот и да фрлаат сол и ризла, обезбедени се уште шест градежни машини, четири скипа и две бобкат машини за расчистување на снегот.

Приоритет, како што наведуваат, имаат улиците по кои се движат возила за јавен превоз и угорните улици во населбите Железара и Ченто, но постојано се интервенира низ целиот урбан дел како и во сите населени места, Стајковци, Брњарци, Страчинци, Црешево, Виниче, Смилковци, Булачани и Раштак. 

Од општината апелираат до сите физички и правни лица да се придржуваат кон обврските согласно Законот за јавна чистота, за расчистување на пристапните патеки пред објектите, со што би се овозможило побезбедно движење.