Македонија
16. January 2016 - 14:29

За подобри патишта општина Дебар ќе вложи 100 милиони денари

Општина Дебар годинава планира да потроши 100 милиони денари за подобрување на патната инфраструктура, согласно Програмата за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и улици.

- Најголем дел од планираните пари, или 50 милиони денари ќе бидат за изградба на локални патишта. Од нив, 16 милиони се за изградба на дел од локалиот пат за село Аме, 15 милиони за изградба на патот граничен премин „Блато“-село Бањиште,додека осум милиони за изградба на улици во село Бањиште, вели Петрит Пачуку, раководител на секторот за урбанизам во општина Дебар.

Според Пачуку, со програмата се превидува изградба на локални патишта во повеќе села, за кои се предвидени средства во износ од 300 илјади  до 1,2 милиони денари.

За изградба и надградба на улици во градот се планирани 45,5 милиони денари.

Со програмата усвоена од Советот на Општината, за зимско одржување на локални патишта и улици во градот и во селата се планирани 1,5 милиони денари, за крпење на ударните дупки на улиците два милиони денари, 500 илјади денари за поставување вертикална и хризонтална сигнализација и исто толку за изготување проекти и студии.