Македонија
19. јуни 2017 - 17:54

Врховен не одлучи за случаите на Темелко и Талевски

Врховниот суд без конечен одговор – дали судските одлуки Едмонд Темелко да не оди во притвор, а Владимир Талевски  да добие само куќен притвор биле законити.  Зад затворени врати Кривичниот совет попладнево  ги разгледуваше барањата на Специјалното обвинителство за оценка на одлуките кои пониските судови ги донесоа за нивните предмети „Титаник“ и „Транспортер“. Од највисокиот суд засега не откриваат каква одлука е донесена и како истата би влијаела врз предметите на СЈО, откако обвинителите од тимот на Јанева повеќе од еден час ги образложуваа барањата за заштита на законитоста.

Ова е втор пат Врховниот суд да одлучува за притворот на градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко, откако неговата одбрана побара Лидија Неделкова да не биде дел од советот кој ќе го разгледува барањето. Темелко е  еден од осомничените во првата истрага која СЈО ја отвори под името „Титаник“ за изборни нерегуларности извршени во 2013-та. По отварање на истрагата градоначалникот на Пустец беше приведен без судска наредба, а Кривичен го одби барањето за определување мерка притвор како неосновано.

Во случајот на Талевски пак, Спацијалното обвинителство го оспорува одлучувањето на еден ист судија кој за притворот решавал и во Кривичниот и во Апелациониот суд откако бил унапреден. Градоначалникот на Битола е првоосомничен во случајот “Транспортер“ во кој тој и 22 лица се сомничат за малверзации поврзани со превоз на ученици. Овој случај  се очекува наскоро да влезе и во судска процедура, откако од СЈО потврдија дека е поднесено обвинение.