Македонија
11. July 2016 - 12:42

Времен сообраќаен режим на ул.„Ѓорче Петров“ поради реконструкција на коловозот

Град Скопје соопшти дека од утре од 8 часот ќе биде воспоставен времен сообраќаен режим на улицата „Ѓорче Петров“ поради реконструкција на коловозот.

Возилата од Јавниот градски превоз кои ги опслужуваат линиите 2, 2А, 5, 5А, 12, 11, 32, 56, 56А и 60 кои се движат од Центар кон Дексион, во насока од исток кон запад, ќе бидат пренасочени од улицата „Ѓорче Петров“, по булевар „Македонска војска“, улица „Борис Сарафов“ (4-ти Јули), улица „Кузман Шапкарев“ и продолжуваат по својата траса.

Од Град Скопје наведуваат дека додека трае времениот сообраќаен режим ќе се користат времено поставените автобуски стојалишта на улица „Борис Сарафов“.

Во спротивна насока, од Дексион кон Центар или во правец запад-исток автобусите ќе ја користат постојната траса по улица „Ѓорче Петров“.

Од Град Скопје ги повикуваат сите учесници во сообраќајот да се придржуваат на времено поставениот режим на сообраќај и брзината на возење да ја приспособат на условите на патот.