Македонија
8. јуни 2016 - 14:01

Во Скопје ќе биде одбележано прогласувањето на Мајка Тереза за светица

Татковинската прослава  „Денови на блажена Мајка Тереза“ и нејзиното прогласување за светица на 4 септември оваа година, Скопската бискупија ќе ја одбележи со повеќе активности од 5 до 11 септември, а ќе заврши со Ефхаристичко славење кое ќе се случи на местото на нејзината родна куќа при што ќе биде прогласено светилиштето на света Мајка Тереза.

За ова денеска на прес-конференција информираа бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов и директорка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска по конституивната седница на почесниот одбор за одбележување на Татковинската прослава  „Денови на блажена Мајка Тереза“.

Бискупот Стојанов информираше дека на 4 септември на денот на прогласувањето за светица на плоштадот Св.Петар во Рим, во Скопје во 12 часот во капелата во Спомен куќата на Мајка Тереза ќе се одржи света литургија.

- Во понеделник на 5 септември кој е првиот ден од деновите на блажена Мајка Тереза, е ден кога молитвено ќе ја изразиме благодарноста до Господ за тој дар што Мајка Тереза е прогласена за светица. Вторник е ден на здравствените службеници затоа што Мајка Тереза практично се трудеше и се грижеше за болните да им помогне на тие кои се со телесна и здравствена потреба. Среда 7 септември е ден на Каритас, Црвениот крст...во чест на хуманитарката Мајка Тереза која им помагаше на сиромашните, истакна Стојанов.

Во четврток 8 септември на денот на независноста на Македонија и ден на Бога посветените лица ќе се оддржи духовна обнова и предавање, а во петок ден на свештенството - таинствено служење ќе се оддржи света литургија и академија со предавање „Теологија на маленкоста и служење“.

- Свечената и централна прослава ќе се оддржи на 11 септемви во Скопје која ќе ја предводи папин делегат со титула кардинал и очекуваме присуство на многу гости од земјата и од странство, рече Стојанов.

Директорка Божиновска, нагласи дека координативното тело ќе чествува во духовна скромност на Мајка Тереза, а сепак, како што рече, тоа ќе биде и таинствено онака како што таа знаеше да каже „На светот не му е потребно корка леб и дека тој не чезнее за корка леб туку чезнее за многу повеќе љубов“.

- Во координативното тело и во чествувањето на Татковинската прослава, место заземаат повеќе институции и министрства меѓу кои и мининстерствата за култура, за образование, за здравство..., МАНУ, со кои во првите денови ќе направиме свечена академија на која ќе се говори за животот и делото на Мајка Тереза. Тука се двете најзначајни катедри на Филозофскиот факултет, а тоа се Катедрата за социјологија и Институтот за социологија и религија и др., информира Божиновска.

Според неа, програмата ќе биде мобилна и се надева дека секојдневно се повеќе институции ќе учествуваат во програмата за одбележување на Татковинската прослава.

Организатор на прославата е Скопската бискупија и Апостолски егзархт во Македонија, а покровител е претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов