Македонија
14. April 2017 - 16:40

Во Ресен се одржа традиционалниот велигденски хепенинг

Над стотина ученици од петте општински основни училишта, како и дечиња  од Детската градинка “11-ти Септември” од Ресен, во пресрет на Велигденските празници, на Градскиот плоштад го реализираа традиционалниот Велигденски хепенинг. На штандовите беа поставени повеќе од 30 видови традиционални  преспански велигденски јадења, како и најразлични велигденски креации. Највпечатлив белег на годинашниот хепенинг беше маскотата во вид на јајце, на која посетителите имаа можност да прикачат ливче со празнична желба или порака.

Паралелно со поставувањето на велигденските креации, во центарот на Ресен, се одржа и богата културно-забавна програма со музички солистички настапи на деца од регионот, како и на хорот “Рибарчиња” од Охрид, а додека, под покровителство на Домот на културата се реализираше и ликовна работилница на тема: “Велигден”.