Македонија
15. July 2016 - 13:33

Во Куманово акција „Повлечи потег, заштити го својот имот од кражби“

Кумановската полиција ја почна акцијата „Повлечи потег, заштити го својот имот од кражби“. Целта е да се подигне свеста и интересот кај граѓаните за самозаштита и заштита на заедницата, да се подобри личната безбедност, како и градењето партнерство меѓу граѓаните и полицијата при решавање на проблемите.

- Зачестените обивања во домовите и кражбите во летниот период, кога граѓаните се на одмор, е причина за спроведување на ваков проект во јули и август чија цел е преку разновидни активности во соработка со граѓаните и полицијата да придонесат за заштита на имотот на граѓаните, стои во соопштението на СВР Куманово.

Оттаму апелираат граѓаните да преземат поголеми мерки за безбедност и заштита на нивните домови и имотот за време на годишните одмори.

Меѓу препораките кои ги наведува полицијата, а кои треба да ги преземат граѓаните пред заминување на одмор е да ги затворат прозорците и вратите, да не дозволуваат влез на непознати лица во домовите, да пријават доколку забележат нешто сомнително на 192 и да се развиваат добрососедски односи.

Граѓаните треба да ги чуваат вредните предмети на сигурно место, да не се остава впечаток дека се отсутни од дома, а домовите треба добро да се осветлени и по можност да се инсталираат алармни уреди и безбедносни камери.

- Со цел да се спречат провалните кражби во домовите и поради поголема заштита се препорачува да не се објавува отсуството од дома на социјалните мрежи, се наведува во соопштението.

Оваа превентивна кампања се реализира последниве години и освен за летните одмори се спроведува и за поголемите празници. Целта е да се подигне свеста кај самите граѓани за обезбедување услови за поголема безбедност, а се реализира преку давање совети, делење флаери, преку советодавните групи и оддржување на локалните совети за превенција.