ВМРО-ДПМНЕ: Заев сака да се дограби до власт за да ја редефинира Македонија
Зоран Заев пред албанската дијаспора во Швајцарија ги откри крајните мотиви на Пучот и двегодишната криза во која ја втурна Македонија, смета владејачката партија. Велат дека опозицискиот лидер јавно ги објави неговите основни цели: редефинирање на државата, менување на уставниот поредок и уривање на позициите кои земјава ги има во споровите со соседите. Ваквото однесување е срамно и недостојно за политичар кој е лидер на партија, но ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту народот нема да дозволи Заев да ги оствари своите планови.
Тоа е вистинското, грдо лице на СДСМ и на аболицираниот Зоран Заев. На ваквата антидржавна политика и на ваквото пазарење со највисоките национални интереси мора да се стави крај. Конечно, после две години на сите граѓани им стана кристално јасно за што се бореа Заев и СДСМ целиот овој изминат период. На сите им стана јасно зошто беше потребна целата деструкција, вандалските сквернавења на спомен обележјата и нападите кон државните институции. Сега на сите им е јасно зошто СДСМ и невладините организации под контрола на Сорос ја напаѓаа полицијата и постојано се обидуваа да провоцираат инциденти и да ја одолговлекуваат и продлабочуваат кризата. Целта е една. Аболицираниот Зоран Заев да се дограби до власта и да ја редефинира државата за која што животите ги жртвуваа илјадници патриоти, рече Ивица Коневски од ВМРО-ДПМНЕ.
Пред македонската дијаспора во Швајцарија Заев упати жестоки критики за надворешната политика кон соседите и отворено афирмирање на идеите за двојазичност во државата. Во скандалозниот настап, опозицискиот лидер предложи и проширување на Рамковниот договор.
Голем број на аналитичари во изминатите денови оценија дека тезите на Заев според кои Македонија е виновна што Грција не го признава нејзиното уставно име, поддршката за воведување двојазичност и федерализација на земјава, се особено опасни и можат да доведат до поделба на државата и нарушување на безбедноста.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар