Македонија
14. March 2017 - 15:10

ВМРО-ДПМНЕ: Заев јавно да се откаже од тиранската платформа и намерата да формира тиранска влада

ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека Трифун Костовски подло и недолично ги навредил и понижил Македонците со потекло од Егејска Македонија, спорејќи им го правото да застанат во одбрана на државните и национални интереси.

Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција во седиштето на партијата оцени дека ваквите антимакедонски изјави кои задираат во единството на националното ткиво, почнале откако, вели, Зоран Заев и СДСМ  ја отвориле пандорината кутија со ставање на маса за тргување на највисоките државни и национални интереси.

- Неговата изјава доаѓа во ист момент со изјавата на албанската пратеничка Месила Дода. Таа му порача на Зоран Заев дека доколку се повлече од тиранската платформа ќе се собереле сеалбанските политички сили за да помогнат да се одржел референдум за Илирида. Неколку денови претходно, соработници на расколникот Зоран Вранишковски побараа од Заев да отворел истрага против Македонската православна црква и да ја забрани, изјави Данев.

Тој посочи дека врв на сите овие напади врз највисоките државни и национални интереси биле настапите на главниот реформатор во тиранската влада што сака да ја формира Заев и негов партнер во настапите пред албанската дијаспора Зијадин Села, кој, рече, го оспори и негираше македонскиот идентитет со тврдење дека не сме постоеле пред 100 години.

- Ова однесување е срамно, недостојно и мора да запре. Зоран Заев и СДСМ мора час поскоро да ја сфатат сериозната закана за Македонија која постои од тиранската платформа. Зоран Заев и СДСМ колку и да се уценети за своите криминали треба да застанат зад унитарна и мултиетничка Македонија, а не да најавуваат дебати и експертизи на партиски експерти за точките од платформата. Излезот од ова е јасен. Зоран Заев јавно да се откаже од тиранската платформа и намерата да формира тиранска влада под диктат на политички точки пишувани во странска држава. Во таков случај ВМРО-ДПМНЕ ќе му ја даде поддршката за влада која тој ќе ја состави и води, рече Данев.

Второто излезно решение, додаде тој, се предвремени парламентарни избори заедно со локалните на кои граѓаните ќе се произнесат што мислат и за тиранската платформа, а не да бидат постизборно измамени со етнички платформи кои ја разнебитуваат државата и го уништуваат мултиетничкиот карактер на македонското општество, претворајќи ја Македонија во бинационална држава.