Македонија
3. July 2017 - 18:14

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ сака да го прекине проектот за автопатот за да се изберат нови фирми

СДСМ да излезе од филмот дека е опозиција и сериозно да се фати за работа за да ги заврши почнатите автопати, апелира ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата по денешната изјава на Благој Бочварски.

Според ВМРО-ДПМНЕ, неспособноста за менаџирање СДСМ ја прикрива со наводни грешки во проектот за автопатот Кичево-Охрид, а тоа отвора сомнеж дека целта е проектот да се прекине за да се изберат нови фирми кои би го граделе автопатот и кои за тоа би добиле милионски средства надвор од законот и правните процедури.

- Наместо секојдневно на прес-конференции да искажуваат лаги и невистини, час поскоро да почнат да ги решаваат тековните проблеми во изградбата на автопатите и за нив да изнајдат соодветни решенија. Граѓаните од СДС како одговорна и сериозна власт очекуваат да ги  решаваат секојдневните проблеми, а не да се служат со лаги и манипулации и секојдневно да ја замајуваат јавноста, стои во реакцијата. 

ВМРО-ДПМНЕ посочува дека проектот за автопатот Кичево-Охрид, беше оставен како незавршен поради, како што нагласува, некадарност и неспособност на владата на СДСМ од 2002-2006 година.

- Како е возможно изградбата да тече без прекин неколку години, а сега откако СДС е на власт уште во првиот месец да застане. Тоа е индикатор дека се спрема голем криминал кој ќе заврши во џебовите на газдите на СДС. Граѓаните од СДС очекуваат да соопштат каде ќе ги градат 500-те километри автопат и 650 километри локални патишта. СДС досега не почна да реализира ниту еден од  инфраструктурните проекти кои ги најавуваше во предизборната кампања, освен што со стопирање на веќе почнати проекти во повеќе области, од новата антирефорска влада, не видовме ништо друго, се додава во соопштението.