Македонија
14. March 2017 - 17:27

ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните ја поразија изборната програма на СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ смета дека граѓаните на избори ја поразиле изборната програма на СДСМ и оти јасно покажале дека не веруваат во неа. Обидите на СДСМ за промовирање мерки, како денешните од областа на социјалната политика, за ВМРО - ДПМНЕ се обид за замајување на јавноста само за да ја покрие антидржавната и антинационална политика на Зоран Заев. 

- Граѓаните очекуваат СДСМ и Зоран Заев јасно и гласно да се откажат од Тиранската Платформа, и доколку тоа го направат ВМРО-ДПМНЕ ќе даде поддршка Заев да формира и да води Влада, ќе гласа закони кои таа влада ќе ги подготви, па дури и ќе даде поддршка на проекти кои СДСМ ги предвидува, колку и да се тие нереални и креирани со намера да ги манипулираат граѓаните. Впрочем СДСМ кога имаше можност да направи нешто за граѓаните, тогаш од нив направи социјални случаи. Затвори 684 фабрики, отпушти 200 илјади работници, невработеноста ја качи на речиси 39 проценти, а социјалните категории граѓани ги намалуваше не со реална помош туку со нивно бришење од евиденцијата, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на претседателката на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ Мила Царовска.

Спротивно на тоа, посочуваат од партијата, ВМРО-ДПМНЕ ја зголемил социјалната парична помош во просек од над 60 проценти во споредба со 2006-та година, постојаната парична помош била зголемена за над 60 проценти. - За граѓаните од ранливите категории беше извршен еднократен отпис на долгови со што беше отпишан долг од речиси 1,8 милијадри денари. За семејствата корисници на социјална помош секој месец се даваат неповратни финансиски средства од 800 денари за субвенционирање на потрошувачката на електрична енергија. Над 1.600 лица од социјално загрозени семејства беа вработени во јавната администрација, а преку големиот број активни мерки се отворија 170 илјади други работни места, што значат директна егзистенција на нивните семејства, се вели во реакцијата.

Во неа се додава дека тоа се реални мерки кои граѓаните ги почувствуваа и затоа на последните избори дадоа поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, со цел успешните политики да продолжат.