ВМРО-ДПМНЕ: Договорот со Бугарија е штетен - Софија слави, Македонците се чувствуваат поразени
СДСМ да се повлече додека е време а нивните пратеници да не даваат поддршка на договорот со Бугарија. ВМРО ДПМНЕ бара од нив да се однесуваат одговорно бидејќи договорот е штетен за РМ. Договорот не ги задоволува националните интереси и отвора можност за промена на македонските учебници, идентитетски обележја, но и можност за Бугарија да не блокира на патот кон влез во ЕУ и НАТО , сметаат од ВМРО ДПМНЕ.
- Овој договор не ги задоволува националните интереси на Република Македонија. Народот не го поддржува овој договор, а стручната јавност има сериозни забелешки на неговиот текст.Договорот вака конципиран и потпишан има сериозни недостатоци, и веројатно последиците од неспособноста на владата на Зоран Заев, Република Македонија ќе ги трпи во подолг временски период. На тој начин сите ние, граѓаните, ќе бидеме во состојба на хаос и неизвесност.Во овој договор, имаме срамна формулација за дефинирање на македонскиот јазик, немаме симетрија на правата и обврските што значи дека договорот не е еквивалентен. Со договорот не се дефинира македонскиот народ како реална и идентитетска посебност, а Зоран Заев срамно и недостојно се откажува од грижата на македонското национално малцинство, изјави Христијан Мицкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ
Базирајќи се на ставовите верификувани од ЦК на партијата, од ВМРО ДПМНЕ најавија дека нема да го поддржат овој договор. Ставот на партијата е дека немаат ништо против Рбугарија, напротив треба да се унапредат добрососедските односи, за што ВМРО ДПМНЕ имале долгогодишни и принципиелни аргументирани позиции. Од СДСМ реагираа,
Договорот помеѓу Република Македонија и Република Бугарија е во согласност со националните интереси на нашата држава и во согласност со интересите на граѓаните на Македонија и на Бугарија. Договорот е основа за пријателство и взаемен успех на двете држави, а неговото потпишување е заеднички успех на сите досегашни влади и на сите граѓани.
Впрочем, целиот демократски свет го поздрави историскиот договор помеѓу Македонија и Бугарија, како значаен исчекор кон иднината и евро-атлантските интеграции на Република Македонија. стои во соопштението од партијата
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар