Македонија
4. August 2017 - 16:16

ВМРО - ДПМНЕ бара итна собрансика седница за пожарите

ВМРО-ДПМНЕ денеска до Собранието ќе поднесе Информација за состојбата со пожарите во Македонија. Пратеникот Илија Димовски побара од претседателот на Собранието да закаже итна седница за оваа актуелна тема која, според него, би требало да се одржи во следните три дена. 
 
Димовски ја обвини Владата за неодговорност, слаба реакција и неспособно однесување и потенцираше дека и покрај пожарите на терен нема присуство и нема чувство за потребите на граѓаните. 
 
Од Владата ќе бараат и информации од институциите за тоа како си ја вршеле работата на терен.
 
Како пример за неажурност и неодговорност, Димовски посочи на пожарот кај селото Требовље во Македонски Брод, за каде рече дека две недели немало никаква акција од страна на државата. Посебно заради фактот што таму горела борова шума. 
 
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ посочи и дека денеска во државата има повеќе пожари и дека од оној кај Студеничани чадот се чувствува и во делови од Скопје. 
 
Опозицијата смета дека Владата и институциите доцнат со своите реакции не само за пожарите туку и во случаите со запалените депонии, поплавите од поројните дождови, како и земјотресите. 
 
Димовски не одговори прецизно дали пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе се повлечат од дебата за разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зврлески, туку праша дали овој Парламент има 62 избраници или 120. Рече дека приоритетите Собранието треба да ги договара со сите парламентарни партии, вклучувајќи ја и ВМРО-ДПМНЕ, чии претставници иако не одат на координации секојдневно имаат неформални контакти со претседателот на Собранието и пратеничките групи. 
 
- За ниту една точка предложена од опозицијата во изминатиот период не е расправано,  не беше прифатен ниту еден амандман за ребалансот на Буџетот, рече Димовски. 
 

 Лицемерно е барањето на ВМРО-ДПМНЕ да се свика собраниска седница за пожарите. Очигледно пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имаат задача по секоја цена да ја блокираат работата на Собранието на Република Македонија, а на штета на граѓаните. Ова денеска на прес-конференција го истакна пратеникот во Собранието од СДСМ Петре Шилегов.

- Со лицемерни барања ВМРО-ДПМНЕ не може да ја избегне одговороноста за хаосот што го оставија по нивното 11-годишно владеење и нефунцкионалност како на механизацијата, така и на целокупниот систем за справување со кризни состојби, рече Шилегов.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ ги крадел парите на граѓаните за лускузирање на поединци и ги игнорирал основните потреби на граѓаните и институциите.

- Поради неодговорното и расипничко владеење, денес, надлежните служби работат во нестандардни услови, со нефункционална и застарена механизација и со стара и дотраена опрема. Дури и купените авиони за гаснење пожар не беа функционални се до доаѓањето на новата власт. Сепак, и во вакви тешки услови за работа, сите ангажирани лица даваат се од себе за брзо и ефикасно гаснење на пожарите за кои за дел од нив постои сомнеж и дека се намерно подметнати, рече Шилегов. Додаде дека надлежните министерства и институции преку постојаното и активно делување на терен, прават се за да се изгаснат пожарите кои се случуваат на неколку локации.

Тој нагласи дека сите ангажирани лица на терен, припадниците на Армијата и војниците прават натчовечки напори за што побрзо  да се изгаснат пожароте. 

- ВМРО-ДПМНЕ кои еднствено знаат да ги кочат реформите и работата во Собранието, треба да ги остават надлежните институции да ја работат својата работа и да престанат да шират паника помеѓу населението. По справувањето со пожарите, очекуваме и детална истрага за јавноста да дознае дали постои организирано подметнување на пожари на различни локации во државата, рече Шилегов.