Македонија
10. јуни 2017 - 21:31

ВМРО-ДПМНЕ: Ако смета дека е непотребен, СДС може да го продаде мерцедесот

Состојбата во која се наоѓа блиндираниот мерцедес најдобро покажува како СДС се грижи за државниот имот. Токму владиното мнозинство го води Министерството за внатрешни работи скоро цела година и нивна е одговорноста за состојбата во којашто се наоѓа возилото, соопшти ВМРО-ДПМНЕ реагирајќи на изјавата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој денеска пред медиумите го покажа „мерцедесот С-класа“ од 600.000 евра купен пред пет години од Владата што ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ. 

- Доколку СДС смета дека мерцедесот е непотребен, може да го продаде. Ваквите возила не губат на вредност доколку се добро одржувани, смета ВМРО-ДПМНЕ. Во соопштението партијата наведува за кои делегации се користел мерцедесот во периодот од 17 септември 2012 до 16 септември 2016 година. Меѓу гостите кои се возеле во него ги набројува: Штефан Филе, Томислав Николиќ,  Ивица Дачиќ,  Борут Пахор,  Иво Јосиповиќ, Бранислав Комодовски,  Нгуан Ти Доан, Виктор Орбан,  Евангелос Венизелос, Андреас Фог Расмусен, Ендру Шер, Зоран Милановиќ, Ахмет Давутоглу, Колинда Грабар-Китаровиќ и Милош Заман.

Опозициската партија во дописот наведува дека на новата Влада е одговорноста дали во вакво возило би ги превезувале високите делегации кои би доаѓале во Република Македонија, а кои се обезбедуваат со прв, втор и трет степен безбедносни мерки.

Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ нема идеи со кои би излегле пред граѓаните, а дека тие во изминатите десет години  реализирале стотици проекти за подобрување на условите за работа на полициските службеници. 

- ВМРО-ДПМНЕ за потребите на полицијата набави: 250 нови возила во полициска изведба „шкода - јети“ и „шевролет - спарк“, беа набавени уште 300 други возила, четири хелихоптери, три теренски возила за потребите на Одделот за информатика и телекомуникации, две специјални возила цистерни наменети за интервенции при нарушување на јавен ред и мир, скутери за сообраќајната полиција. Набавени се нови интервентни возила за потребите на полициските станици, интервентни оклопни возила за потребите на посебните полициски единици, како и посебни возила за превоз на единицата за службени кучиња. Реновирани се десетици полициски станици, а од темел целосно се изградени и нови, наведува партијата. 

Набавени се нови форензички лаборатории, а од затекнатите 400 компјутери во 2006 година, се додава во дописот,  МВР го зголеми бројот за десет пати повеќе.

- Покрај несогласувањата на СДС донесен е нов Закон за внатрешни работи и на полициските службеници им се овозможени подобри услови за пензионирање и повисоки плати преку процесот на усогласување. Реализацијата на овие, но и на многу други проекти, придонесе за реализација на стотици успешни акции со кои македонската полиција се профилираше како релевантен меѓународен партнер, пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.