Свет
16. February 2016 - 20:41

Владејачката ЦДУ на Меркел со предлог-препораки за бегалците

Христијанско демократска унија (ЦДУ) на германската канцеларка Ангела Меркел објави нови препораки за бегалците, кои сакаат да останат во Германија, јави дописникот на МИА од Берлин.

Препораките се содржани во планот на ЦДУ наречен „Охрабри и барај“ и предвидуваат бегалците покрај тоа што ќе добијат помош при барањето работа и стекнување образование, да се придржуваат на одредени правила, доколку сакаат да останат во земјата.

Според предлогот на ЦДУ, секој што нема да се придржува на препораките може да биде вратен во својата матична земја со што според партијата, ќе се намали бројот на неоснованите барања за азил во Германија.

Планот предвидува интеграција на новодојдените бегалци, кои по регистрацијата ќе добиваат информативен пакет на мајчин јазик во кој ќе бидат објаснети законите и социјалните правила во Германија.

Една од причините за ваквиот пристап на ЦДУ се новогодишните сексуални насилства врз стотици жени во Келн и други градови, каде голем дел од напаѓачите беа бегалци или илегални мигранти.

Според предлог-планот за интеграција на бегалците, се предвидуваат основни курсеви по германски јазик со постојани тестови за направениот напредок. Според мерките, бегалците ќе можат да се запишат на факултет, а при барање работа ним ќе им помагаат службеници за вработување.